Конкурс за учество во ТВ шоу „Нови Херои“

од Ивана Рамаданова
331 прегледи

Отворен повик до сите млади на возраст од 14 до 18 години од Република Северна Македонија. Пријавете се на конкурсот за учество во втората сезона на „Нови Херои“ на следниот начин:

– Снимете видео (до 2 мин.) со вашите мобилни телефони во кое ќе се претставите, ќе наведете практично решение за проблем во вашата околина и ќе ни го испратите во порака на нашата Фејзбук фан страна (www.fb/noviheroi/), инстаграм профил (@noviheroi) или на нашата е-маил адреса ([email protected]) најкасно до 1ви март 2020.
Проблемот за кој ќе понудите решение може да биде од било која сфера од нашето општество. Решението за проблемот треба да биде остварливо, во видеото треба накратко да го наведете вашиот план за решавање на одреден прeдизвик. 16 млади кои ќе се пријават со најкреативните решенија ќе бидат селектирани за учество во ТВ шоуто Нови Херои.

„Нови херои“ е ТВ шоу во кое тинејџери на возраст од 14 до 18 години имаат можност да бидат главна улога во шоуто и да решаваат предизвици од нивната локална средина. Главната цел на „Нови Херои“ е да се развие јавната свест за позитивна етничка интеракција и социјална кохезија и да поттикне соработка кај младите од различно етничко потекло.

Првата сезона на ТВ шоуто „Нови херои“ заврши на почетокот на 2020 година, се емитуваа 12 епизоди на националните телевизии „ТВ Телма“ и „ТВ 21“. За време на шоуто, 16 млади учесници поделени во 8 тимови се натпреваруваа во пронаоѓање креативни решенија за локалните проблеми кои влијаат на сите нас. Како ретроспектива на првата сезона, тимовите ги организираа следниве акции:

  1. Формирање на мултиетнички бенд со цел надминување на стереотипите;
  2. Иницијатива за згрижување на бездомните кучиња во Гостивар;
  3. Акција за чистење на резиденцијален парк во општина Чаир;
  4. Обележување на велосипедски патеки во Виница;
  5. Иницијатива за подигнување на свест за здрава исхрана и органски производи во Виница;
  6. Изложба на цртежи на тема анти-дискриминација во Гостивар;
  7. Иницијатива за изградба на скејт парк во Виница;
  8. 8. Чистење и маркирање на планинската велосипедска патека на Плачковица;
  9. Развивање на свеста кај младите против насилство, задевање и исмевање;
  10. 10. Креативна реупотреба на отпадни материјали во Ново Лисиче;
  11. Иницијатива за подобрување на системот за управување со отпад во едно соседство во општина Чаир;
  12. Иницијатива за подобрување на сообраќајната инфраструктура и намалување на сообраќајниот метеж пред основно училиште во општина Кисела Вода;
  13. Иницијатива за развивање на свеста за грижата кон постарите лица;
  14. Подобрување на условите на кошаркарското игралиште во општина Сарај;
  15. Подигнување на свеста против користење на наркотици во општина Шуто Оризари;
  16. Акција за чистење на кејот на реката Лепенец;
  17. Информирање на граѓаните за аерозагадувањето и превземање лидерска улога на маршот против аерозагадувањето во Скопје.

Тимовите во секоја епизода беа оценувани според следниве критериуми: креативност, снаодливост, тимски дух, поддршка, мотивираност, почит и отвореност. Последната епизода беше големото финале помеѓу двата најуспешни тима во текот на целата сезона. На крајот, победничкиот тим ја доби главната награда која беше одредена врз основа на интересот на победниците за нивниот понатамошен личен развој и едукација.

ТВ шоуто е дел од УСАИД проектот за „Унапредување на социјалната кохезија“ имплементиран од страна на меѓународната организација Потрага по заедничка основа. Целта на проектот е да ги унапреди односите помеѓу децата и младите со различна етничка, верска и социјална основа, со цел земјата да може подобро да ги издржи етничките, социјалните и економските кризи без присуство на насилство.

 

 

Слични содржини