Конте побара видео повторувања по дербито со Јунајтед

од Vladimir Zorba

Менаџерот на Челзи, Антонио Конте смета дека реми против Манчестер Јунајтед на „Олд Трафорд“ би бил најправеден резултат во дербито од Премиер лигата.

Тимот од Лондон загуби со 1:2, иако поведоа, удрија статива, а гол на Алваро Мората беше поништен поради спорен офсајд.

„Мислам дека реми требаше да биде фер резултат на овој натпревар. Откако поведовме во резултатот, требаше да бидеме позрели и да играме паметно, но наместо тоа покажавме отворен фудбал и противникот не казни. Манчестер Јунајтед е одличен тим, но ние сме разочарани, бидејќи заслуживме повеќе. Ги имавме сите шанси да земеме три поени против директен конкурент за местата во Лигата на Шампионите, но на крајот сепак треба да се зборува за нов пораз“, прокоментира Конте.

„Не знам дали ќе успееме да се избориме за место во топ 4, но вакви порази сигурно не ни помагаат. Нема да биде лесно. Англиското првенство е единственото во кое шест тима се борат за овие четири места и има ризик ние да не се најдеме меѓу нив“, рече тој.

По поразот Челзи падна на петтото место на 2 поени од топ 4.

„Искрено не ја видов ситуацијата со поништениот гол на Мората, но ако тој не бил во офсајд, тогаш мислам дека користењето на видео повторувања може да биде многу важно во фудбалот, особено во Англија“, рече уште Италијанецот.

Слични содржини