Косово: Запленети 400 килограми кокаин во вредност од 20 милиони евра

од Vladimir Zorba

Главниот обвинител на Косово, Александар Љумези, изјави дека во рамките на тајната истрага чија цел е сузбивање на организираниот криминал, денес се запленети 400 килограми кокаин во вредност од 20 милиони евра и се уапсени седум лица од Косово.

Тој додаде дека запленетиот кокаин во Липљан бил скриен во ладилник за месо, како и дека во акцијата биле одземени пари, неколку автомобили и други возила, јавија приштинските медиуми.

Генералниот директор на полицијата Сабедин Мехмети објасни дека на 3 мај 2021 година полицијата добила пријава дека пратката ќе пристигне од пристаништето Драч.

Според него, пратката пристигнала во Косово на 15 мај, а полицијата продолжила да ја следи, пренесе Танјуг.

Тој изјави дека апсењето се случило денес во 11 часот при преземање на стоката, како и дека полицијата сè уште трага по останатите осомничени.

Акцијата ја спровело Обвинителството на Косово во соработка со косовската полиција и колегите од Албанија и Италија, а за време на истрагата се користени мерки за таен надзор и движење на осомничени лица од Италија.

Слични содржини