Косовски аналитичари за „Локално“: На Приштина ѝ требаат цврсти гаранции од САД за да се приклучи на „Отворен Балкан“

од Nikola Popovski

Српската премиерка Ана Брнабиќ вчера за првпат после два мандати откако е на власт го посети северниот дел на Косово и Метохија, од каде што изненадувачи изјави дека иницијативата „Отворен Балкан“ е отворена за сите, вклучително и за институциите во Приштина.

„Мислам дека тоа е најдобриот начин да се оди кон нормализација. Мислам дека квалитетот на животот на луѓето е најважен и кога сите заедно ќе овозможиме тој квалитет да биде подобар, да се отворат работни места, за младите луѓето да видат некаква перспектива, тогаш можеме да разговараме и за прашања за кои не се согласуваме или имаме сосема спротивни ставови“, рече Брнабиќ одговарајќи на новинарски прашања, меѓу кои и дали Приштина е добредојдена во иницијативата „Отворен Балкан“.

Леон Духанај

Во Косово е поделено мислењето околу приклучувањето на земјата во иницијативата. Според косовскиот аналитичар Леон Духанај, сите теми поврзани со соработката на земјите од Западен Балкан, дури и едноставни, се толкуваат на различни начини, во зависност од аголот на страните. Тој во разговор за „Локално“ вели дека темите „Отворен Балкан“, или „Мини Шенген“, или „Берлински процес“, се во основа исти теми, за исти цели, но погрешно се толкувани за потребите на дневната политика.

-Тоа се процеси со единствена цел приклучување кон земјите од Западен Балкан и нивно туркање кон соработка и интеграција, што би било фаза пред интеграција кон европската интеграција. Имињата како „Мини Шенген“ и „Отворен Балкан“ се обиди на регионалните лидери за политички протагонизам. Според мене, на „Отворен Балкан“ не треба да се гледа како на негативен процес, бидејќи сите тие имаат за цел интеграција во Европската Унија, а за да станеме членка потребна е општа интеграција, смета Духанај.

Тој порачува дека во моментов има некои бариери кои често се покриваат со политичка реторика.

-Од една страна, Србија не сака да го почитува присуството на Косово како рамноправна држава во тој процес. Од друга страна имаме позитивни изјави за поддршка на учеството на Косово, а во исто време се именуваат како институции на Приштина, со што намерно се избегнува терминот Косово, со оваа асоцијација со концептот на државата. Дополнително, се продолжува да се саботира процесот на градење на државата преку Српската листа и механизмите од безбедноста на Србија. Не е фер или јасен пристап да се повикува на соработка, а од друга страна да нема прекин на активностите против државјанството на Косово, дециден е косовскиот аналитичар.

Духанај во разговорот додава дека Косово нема фер пристап до овој процес.

-Разбирливо е да се биде внимателен во однос на српската страна, бидејќи е јасно дека играат на две карти. Сепак, според мене, Косово треба да го тестира учеството во процесот „Отворен Балкан“, а не да му се спротивставува. Косово треба да изрази подготвеност за учество и доколку Србија не сака да го прифати како рамноправна страна во процесот, тогаш да се повлече. Затоа, ситуацијата мора да се стави на дело и да видиме дали ќе помине или ќе имаме страна која игра улога на деструктивен фактор, вели аналитичарот.

За Духанај, премиерот на Албанија Еди Рама е единствениот лидер кој се обидува со тело и душа да влијае на овој процес да напредува.

-Се разбира, тој има тешка позиција, кога е позициониран меѓу Косово и Србија, а често е злоупотребуван од критичарите. Сепак, мислам дека неговата доверба беше изградена против претседателот на Србија, г. Вучиќ, тоа не се заснова на коректен билатерален однос. Затоа, ниту Вучиќ ја нема истата сериозност и искреност во однос на Рама и процесот во целина. Можеби поради внатрешни проблеми, но тој е тој што треба да ги поправи, бидејќи тоа е невозможно некој од надвор да го направи. Мислам дека во овој момент меѓународниот фактор, односно европскиот, треба да стане појасен и да ги отстрани двосмислените дилеми со разјаснување на целта на членството или не во тие процеси, оценува Духанај.

Фатмир Шеноли

За разлика од него, косовскиот аналитичар Фатмир Шеноли во разговор за „Локално“ вели дека Брнабиќ не е личност која некому, а најмалку на државата Косово, може да каже дали „Отворен Балкан“ е за косовските институции.

-Косово има свои институции и има суверено право да одлучува како и што да прави, јасен е Шеноли.

Појаснува дека во Косово на иницијативата „Отворен Балкан“ сè уште се гледа како на начин преку кој Србија сака да ја создаде сега веќе добро познатата теза „српски свет“, со која сака да има улога во сите земји.

-Во Северна Македонија преку ВМРО-ДПМНЕ да влијае и да го урне демократскиот систем, во Црна Гора преку СПЦ и српските политички сателити претворени во партии, во БиХ преку Милорад Додик и во Косово преку диктаторската партија наречена „Српска листа“! Затоа премиерот Курти со големо внимание ја следи целата ситуација околу „Отворен Балкан“ и не сака никаде да брза, смета Шеноли.

Аналитичарот објаснува дека официјален Вашингтон треба да даде цврсти гаранции околу „Отворен Балкан“.

-На граѓаните на Косово им треба пред се Американците да дадат цврсти гаранции дека Отворен Балкан е проект во кој Србија не може да ја има главната улога, туку дека сите треба да бидат еднакви, образложува Шеноли.

На прашањето дали доколку Босна и Херцеговина и Црна Гора се приклучат, за Косово би било полесно да влезе во „Отворен Балкан“, аналитичарот вели дека БиХ и Црна Гора се веќе вклучени во иницијативата, иако во својство на набљудувачи.

-За Косово не значи ништо ќе се приклучат Босна и Херцеговина и Црна Гора, на Косово му требаат цврсти гаранции од Америка за да се приклучи, повторува Шеноли.

Тој на крајот порачува дека нормализирањето на односите меѓу Косово и Србија апсолутно зависи од тоа како Србија ќе се однесува во натамошниот развој на дијалогот.

-Не можете да имате нормални односи со земја која не воведе санкции кон Русија, а сака да влезе во ЕУ, заклучува Шеноли.

Н.П.

Слични содржини