Кралот Фелипе во божиќната порака повика на компромис во Каталонија

од desk2
74 прегледи

Кралот на Шпанија Фелипе VI ја искористи својата традиционална божиќна порака во недела вечер за да го повика новоизбраниот каталонски парламент да се откаже од нови потези кон сецесија од Шпанија.

„Патот напред не може повторно да не води кон конфронтација или ексклузивитет, како што знаеме и сами, тоа прави само неслога, несклад и лутина“, изјави шпанскиот монарх во говорот кој го пренесуваше државната телевизија.

Кралот и се обрати на нацијата четири дека откако на регионалните избори во Каталонија сепаратистичките партии повторно дојдоа на власт. Шпанскиот премиер Маријано Рахој го распушти претходниот состав по референдумот во октомври на кој Каталонија гласаше за отцепување, но неговите надежи за пораз на сепаратистичките партии пропаднаа по регионалните избори.

„Оваа 2017 година во Шпанија беше, без сомнеж, тешка година за нашата заедница, година која, над се, беше обележана со ситуацијата во Каталонија. Нејзините (каталонски) челници мора да се соочат со проблемите кои ги погодуваат сите Каталонци, почитувајќи ги нивните разлики и одговорно делувајќи во корист на заедничкото добро“, порача кралот.

Последното кралско телевизиско обраќање беше на 3 октомври, два дена откако каталонската регионална влада се спротивстави на судската одлука и одржа референдум за сецесија. Кралот тогаш жестоко ја критикуваше каталонската влада поради отвореното покажување нелојалност кон Шпанија.

Неговиот тон во божиќното обраќање беше помирлив, кога призна дека, иако Шпанија израсна во полноправна членка на Европската унија, „не беше се успешно“ во последната деценија.

Тој инсистираше на враќање на „хармонијата на коегзистенција на каталонското општество, во сите негови различности, за (сепаратистичките) идеи да не ги делат семејствата и пријателите“, пренесе АП.