Кремљ го демантира Џонсон: Лага е дека Путин му се заканувал, знаеме за што зборувале

од Radmila Tasevska

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денес ги демантираше тврдењата на поранешниот британски премиер Борис Џонсон дека рускиот претседател Владимир Путин му се заканувал со ракетен напад и изјави дека знае што разговарале Путин и Џонсон.

„Не, тоа што го кажа г. Џонсон не е точно, туку е лага. И, згора на тоа, ќе кажам дека тоа е или свесна лага, тогаш прашање е со која цел избрал таква верзија на презентацијата, или е несвесна, бидејќи тој всушност не разбрал за што зборува претседателот Путин.“ рече Песков во одговор на новинарско прашање.

Песков рече дека знае што разговарале Путин и Џонсон, пренесува РИА Новости.

„Знам што се разговараше за време на тој разговор и уште еднаш официјално повторувам: ова е лага. Немаше закана од ракетни напади. Зборувајќи за безбедносните предизвици на Руската Федерација, претседателот Путин истакна дека ако Украина се приклучи на НАТО, потенцијалното распоредување на НАТО или американски ракети на нашите граници ќе значи дека секој проектил ќе стигне до Москва за неколку минути“, рече Песков.

Џонсон претходно тврдеше дека рускиот претседател Владимир Путин му се заканувал со ракетен напад за време на итен телефонски повик пред рускиот напад врз Украина во февруари минатата година.

Џонсон, во документарецот на Би-Би-Си за разговорите на Путин со светските лидери, рече дека Путин му рекол дека таков ракетен напад „ќе трае само една минута“.

Слични содржини