Кривичен суд: Ненадлежни сме за обвинението против Мерко, предметот е препратен до Струшкиот суд

од Nikola Popovski

Кривичниот суд ја информира јавноста дека Специјализираното одделение за организиран криминал и корупција ( КОК ) при Основниот кривичен суд Скопје постапувајќи по обвинителниот предлог со КО бр. 27/24 против градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко за кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување од чл. 353 ст.4 вв со ст.1, донесе решение со кое се огласува за стварно ненадлежно и предметот, по правосилноста на решението, ќе биде доставен на надлежно постапување во Основниот суд Струга.

-Согласно чл. 32 од Законот за судови, Специјализираното одделение ( КОК ) е надлежно за Кривичните дела: Злоупотреба на службена положба од чл. 353 ст.5, Примање поткуп од значителна вредност од чл. 357 и Противзаконито посредување од чл. 359 од КЗ, извршени од избран или именуван функционер, службено лице или одговорно лице во правно лице, велат од Судот.

-Имајќи го предвид наведениот член од Законот за судови, последните измени на Кривичниот законик објавен во СЛ. Весник бр. 188 од 07.09.2023 год., како и правната квалификација од обвинителниот предлог, односно ст. 4, судот утврди дека Спелцијализираното одделение за оргнизиран криминал и корупција не е надлежно за судење на кривични дела од чл. 353 ст.4 вв со ст. 1 како што Јавниот обвинител го поднел обвинителниот предлог, туку цитираните одредби од Законот за судови се однесуваат само на делото пропишано во став 5 од овој член, додаваат од Кривичниот суд.

Со оглед на сето тоа стварната надлежност да постапува е судот со основна надлежност на чие подрачје е извршено кривичното дело.

Според обвинителката која постапува по случајот, иницијативата на Државната комисија за спречување на корупција, стигнала малку подоцна, а предистражната постапка била макотрпна.

-Поднесено е обвинение против Рамиз Мерко, по иницијатива на ДКСК, која стигна малку подоцна. Предистражната постапка беше макотрпна и конечно прибравме доволно докази. Обвинението се однесува на „злоупотреба на службена положба“ по однос на аудито, член 353 став 3 во врска со став 1, рече обвинителката.

Поранешното раководство на ДКСК подолго време работеше на контроверзната набавка на службени возила од страна на Мерко, кој, во време кога општината беше задолжена, потроши 114 илјади евра за набавка на 4 автомобили, меѓу кои беше и луксузниот „Ауди А6“ вреден скоро 67 илјади евра.

Откако ДКСК поднесе иницијатива за кривично гонење на Мерко за злоупотреба на службена положба и несовесно работење во службата, таа го мина патот од скопското до струшкото обвинителство, за на крајот да заврши во обвинителството за организиран криминал, кое, по спроведена предистражна постапка, ја отфрли иницијативата.

Слични содржини