Кузеска: Владата се фали со „трета економија во Европа“, а во реалноста – тотален дебакл на економијата

„Скапите цени на храната и на основните производи секојдневно ги празнат џебовите на граѓаните. Ова не се обични бројки, туку секојдневие на граѓаните со празни фрижидери“, истакна портпаролката на СДСМ

од Nikola Popovski
26 прегледи Фото: СДСМ

Портпаролката на СДСМ и членка на Извршниот одбор, Богданка Кузеска, денеска на прес-конференција упати остри критики кон економските политики на владата предводена од Христијан Мицкоски, оценувајќи дека државата се наоѓа во економска криза без соодветен одговор од институциите.

Според Кузеска, иако поминале 60 дена од почетокот на кризата на Блискиот Исток, власта сè уште нема преземено конкретни мерки за заштита на стандардот на граѓаните. Таа обвини дека најавените мерки по празниците изостанале, а ценовниот притисок врз домаќинствата продолжил.

„Скапите цени на храната и на основните производи секојдневно ги празнат џебовите на граѓаните. Ова не се обични бројки, туку секојдневие на граѓаните со празни фрижидери“, истакна Кузеска.

СДСМ повторно ги актуелизираше своите предлози за антикризни мерки, меѓу кои: нулта стапка на ДДВ за храната, намалување на акцизите и на ДДВ-то за горивата на 5%, како и намалување на патарините. Кузеска оцени дека сегашните чекори на власта се „половични и задоцнети“.

Портпаролката на СДСМ, исто така, се осврна на податоците за странските инвестиции, тврдејќи дека истите бележат пад од 60% во однос на претходниот период, и додаде дека економијата се соочува со затворање на фабрики и губење на работни места.

„Додека владата на Мицкоски го штити бизнисот и не презема мерки Хрватска воведе цел пакет мерки и поддржка за земјоделците и рибарите, Ирска дава конкрена помош за ранливи категории, дури и една Германија намалува акцизи и дава финансиска помош.

Само кај нас Мицкоски не презема ништо. Чекање, анализи, калкулации и лаги. Мицкоски се фали со „трета економија во Европа“, а во реалноста – тотален дебакл на економијата. Платите останаа најниски во Европа, народот осиромашува, инвестициите си заминуваат, се затвораат фабрики“, кажа Кузеска.