Летечките такси во Израел започнаа со пробни летови за патниците (ВИДЕО)

од Stefanija Kuzmanovska

Израелските власти ги започнаа првите пробни летови на т.н такси-дронови како дел од својата Иницијатива за беспилотни летала (INDI), за да се овозможи превоз на патници и товар со овие авиони во иднина.

Овој двегодишен пилот проект има за цел да создаде национална мрежа на дронови кои ќе се користат за превоз на патници, пишува израелски 24 News.

Намалување на застојот на патиштата

Главната цел на проектот е да се овозможи брз и ефикасен транспорт на патници и товар и да се намали метежот на патиштата низ Израел. Исто така, проектот има за цел да ги подобри комерцијалните и јавните транспортни услуги.

Министерот за транспорт Мири Регев истакна дека ова е прва иницијатива од ваков вид во светот која има широк и мултидисциплинарен пристап за тестирање на новите технологии, вклучувајќи го и транспортот на товар, а подоцна и луѓе.

За развој на инфраструктурата беа инвестирани околу 60 милиони долари

Проектот, исто така, ги истражува сите аспекти, вклучително и законодавството, кои ќе бидат потребни за комерцијалното работење на беспилотните летала.

Втората фаза од израелскиот проект за летечки такси започна во јануари и вклучуваше инвестиција од околу 60 милиони долари во развојот на инфраструктурата за беспилотни летала.

„Националниот проект за развој на дронови планира да тестира и активира десетици дронови чии перформанси ќе се анализираат еднаш неделно. Израел е еден од светските лидери на ова поле, а експериментот спроведен во понеделникот претставува важна пресвртница во оваа иницијатива“, вели израелскиот медиум.

Ќе се воспостави надзор на воздушниот простор за дронови

Со цел да им се овозможи на беспилотните летала безбедно да летаат низ воздушниот простор, INDI планира да воспостави надзор на воздушниот простор за беспилотни летала, кој ќе функционира на сличен начин како постоечката контрола на летот.

„Системот ќе овозможи паралелен лет на различни видови дронови за различни намени. Во оваа област соработуваме со други субјекти, вклучително и израелските воздухопловни сили“, соопшти INDI.

Слични содржини