Макрон: Од петок карантин на национално ниво

од Nikola Popovski

Во Франција, карантинот ќе биде повторно воведен на национално ниво од петок, 30 октомври, во обид да се спречи епидемијата на Ковид-19, која повторно се заканува да избега од контрола, објави вечерва францускиот претседател Емануел Макрон.

Тој додал дека новите мерки се планирани да бидат на сила до 1 декември, со цел да се спречи експоненцијалното ширење на коронавирусот.

Тој објаснил дека мерките за карантин значат дека луѓето мора да останат во своите домови, освен ако не треба да купуваат основни производи, да побараат лекарска помош или да ја искористат можноста да вежбаат еден час на ден, пренесува Ројтерс.

Макрон изјавил дека на граѓаните сепак ќе им биде дозволено да одат на работа, доколку работодавците сметаат дека е невозможно да работат од дома.

Тој исто така рекол дека, за разлика од карантинот во март, повеќето училишта ќе останат отворени.

Макрон соопштил дека ако здравствената состојба се подобри за две недели, владата ќе ја разгледа можноста за повторно отворање на некои продавници кои не продаваат основна стока.

Тој додак дека мерките ќе бидат ублажени кога бројот на случаи на коронавирус на дневна основа ќе се намали на околу 5.000 дневно од сегашните 40.000, пренесува Ројтерс.

Според Макрон, вирусот циркулира со брзина што дури и најпесимистичките прогнози не ја предвиделе.

„Сите сме во иста позиција: обземени од вториот бран за кој знаеме дека ќе биде потежок, поубиствен од првиот“, предупредил Макрон.

Слични содржини