„Меч на одмаздата“: Новиот лидер на Ал Каеда поопасен од Бин Ладен

од Stefanija Kuzmanovska

Терористичката организација Ал Каеда се подготвува повторно да стане закана за светот, како што беше и за време на нападот врз Њујорк на 11.09.2001 година, затоа што немилосрден водач дојде до чело, кој е наречен „Меч на одмаздата“ и за кого разузнавачките служби велат дека е полошо од Осама бин Ладен, поранешен водач на Ал Каеда.

„За крволочниот Саиф ал-Адел се верува дека е новиот водач на Ал Каеда и дека регрутира борци на Исламска држава, како и дека предизвикува страв од злосторства низ целиот Запад. Тој е поранешен египетски генерал (60) за кој се верува дека е генијален и немилосрден стратег и ќе го преземе раководството на организацијата од Ајман Завахири“, пишува британски „Мирор“.

Висок британски експерт за тероризам за весникот изјавил дека, во споредба со Завахири, „Ал-Адел е многу поефикасен лидер, во најмала рака тој е еднаков на Осама бин Ладен, ако не и поопасен од него“.

Гласините дека Завахири најверојатно е мртов значат дека разузнавачките служби од Западот ќе мора да внимаваат на реорганизацијата на Ал Каеда, имајќи предвид дека Саиф, кој има база во Иран, е новиот шеф, наведува „Мирор“.

„Британските и американските шпиони со години ги следат потезите на Саиф, бидејќи тој беше вклучен во секој напад на Ал Каеда кој се случил во изминатите три децении“, се додава во текстот.

Египетскиот џихадист, ветеранот Ајман Завахири, го презеде водството по атентатот на Бин Ладен во 2011 година, но за него не се слуша многу веќе со години.

Поранешниот експерт за борба против тероризмот на ФБИ, Али Суфан, напиша дека Саиф може да биде „третиот емир на Ал Каеда“ со тридецениско искуство во таа организација.

САД веќе нудат 10,5 милиони долари за информации за Саиф, кој се бара за бомбардирањето на американската амбасада во Најроби и Дар ес Салам, кога беа убиени 224 лица.

Саиф ја предводеше личната „Црна гарда“ на Бин Ладен, единица за заштита во Авганистан, која беше именувана по црните марами.

Слични содржини