Меркел и Бајден ја повикаа Русија да ги повлече војниците од украинската граница

од Vladimir Zorba

Германската канцеларка Ангела Меркел и американскиот претседател Џо Бајден ја повикаа Русија да ги повлече трупите од украинската граница со цел деескалација на ситуацијата во регионот, изјави денеска портпаролот на германската влада Стефен Зајберт.

Русија и Украина одржаа истовремени воени вежби во средата, додека министрите за надворешни работи и одбрана на НАТО започнаа итни разговори за акумулација на руски трупи во близина на украинската граница, според Ројтерс.

Меркел и Бајден телефонски разговараа за последните случувања во источна Украина и ја повикаа Русија да избегне каква било понатамошна ескалација.

„Канцеларката и претседателот се согласија дека Русија треба да ја намали најновата акумулација на војници со цел да придонесе за деескалација на ситуацијата“, рече Зајберт.

Во Вашингтон, портпаролот на Белата куќа Џен Псаки рече дека Бајден разговарал со рускиот претседател Владимир Путин во вторникот за да ги потенцира последиците од руските активности.

Два американски воени брода треба да пристигнат во Црното Море кон крајот на оваа недела.

Слични содржини