Милков: Со нота бараме пристап на сите Бугари на споменикот на Гоце Делчев

од Nikola Popovski

Бугарија ќе бара со нота да им се обезбеди пристап на бугарските државјани кои ќе патуваат во Северна Македонија до споменикот на Гоце Делчев на 4-ти февруари. На чествувањето ќе присуствуваат и претставници на бугарската амбасада во Македонија. Ова го соопштил денеска министерот за надворешни работи на Бугарија, Николај Милков на брифинг со новинарите, пренесе БНТ.

„Клучно е да се обезбеди безбедност и спокојство на Бугарите. Обезбедувањето непречено чествување на 4 февруари е елемент на тоа. Сакаме да постигнеме деескалација. Не бегаме од таков дијалог. Претстои телефонски разговор што нашиот премиер ќе го има со македонскиот Ковачевски и како еден од главните елементи ќе биде обезбедувањето на безбедноста, како за тамошните бугарски граѓани општо, така и во однос на тоа што се ќе се случува на 4 февруари. Ние се залагаме за таква деескалација и не треба да се вратиме на ситуацијата од пред една недела, бидејќи тоа би било конкретизирање на репресијата“, посочил Милков.

Шефот на бугарската дипломатија посочил дека доколку Северна Македонија го попречи пристапот на бугарските граѓани, тоа би било без преседан.

„Ако тоа се случи, тоа ќе биде без преседан. Немам информации дека две земји членки ги прогласиле своите граѓани за персона нон грата. Ова ќе биде без преседан и ќе бара одговор без преседан. Андреј Ковачев е известувач за РСМ во ЕП“, потсетил тој.

Бугарија ќе бара гаранции од властите во Македонија дека овдешните институции, како што вели, ќе ги исполнат своите функции и ќе си ја вршат својата работа.

„Бугарите и луѓето со бугарска самосвест немаат доверба во македонските институции, таквите поплаки што ги поднесуваат не се разгледуваат или ако се разгледаат добиваат негативен резултат, при што овие Бугари стануваат жртви на малтретирање и закани. Треба да се увериме дека македонските институции ќе започнат со својата работа. Комисијата за заштита од дискриминација наместо да ги разгледува извештаите, се сврте против нив“, тврди Милков.

Слични содржини