„Мислев дека сум мртва“, вели наставнчка од Вирџинија која била застрелана од ученик

од Stefanija Kuzmanovska

Наставничка застрелана од шестгодишно дете во САД вели дека никогаш нема да го заборави погледот на момчето кога тој го вперил пиштолот во неа.

25-годишната Абигејл Звернер за првпат јавно проговори по пукањето на 6 јануари во основното училиште каде што работела.

Наставничката детално опишала што се случило тој страшен ден во основното училиште Рихнек во градот Њупорт Њуз.

„Мислев дека сум мртва“, изјави таа за NBS Today Show оваа недела.

Во интервјуто што се емитуваше во вторник, репортерката Савана Гатри ја праша Звернер на што се сеќава од тој ден.

„Утрото ми се чинеше нормално, но потоа слушнав некоја врева и стравот ми стана посилен“, изјави Звернер.

Полицијата соопшти дека момчето го донело пиштолот во училиште во ранец.

Звернер планира да го тужи училишниот округ откако била застрелана во раката и горниот дел од градниот кош по она што полицијата го опиша како „расправија“ со прваче.

Во известувањето за намера за тужба испратено од нејзиниот адвокат се наведува дека училишните администратори биле предупредени повеќе пати дека ученикот има огнено оружје, но не реагирале соодветно.

Звернер рече дека јасно се сеќава дека го видела пиштолот вперен во неа.

„Се сеќавам на неговиот израз на лицето. Се сеќавам дека почувствував нешто. Тоа беше прилично страшен ден“, вели таа.

Гатри ја прашала Звернер како е нејзината лева рака, која била завиткана во медицинска газа.

„Првиот куршум помина низ раката и ја скрши коската, како и показалецот и палецот. Куршумот потоа влезе во моите гради овде горе, каде што застана и остана“, рече таа, покажувајќи веднаш над нејзиното срце.

„Значи, имам лузна овде горе, и сè уште имам фрагменти од куршуми овде“, додаде таа.

Звернер рече дека лекарите во болницата ѝ рекле дека прострелната рана „може да биде фатална“, но бидејќи куршумот најпрвин ѝ поминал низ раката, „најверојатно тоа ѝ го спасило животот“.

Откако била застрелана, Звернер рече дека нејзината прва помисла била безбедноста на другите ученици.

Пред да биде испратена во болница со брза помош, таа ги извела од училницата и покрај раните.

Хауард Гвин, адвокат на Њупорт Њуз, рече дека нема да подигне обвинение против момчето.

„Судењето на шестгодишно дете може да биде проблематично бидејќи детето е премногу мало за да го разбере правниот систем“, изјави тој за NBC News.

Семејството на момчето, кое исто така не беше обвинето, рече дека тој страда од „акутен инвалидитет“ и ретко одел на училиште без еден родител.

Меѓутоа, на денот на пукањето сам отишол на училиште.

Оружјето е легално купено и е на мајката на детето, соопшти полицијата.

По инцидентот, директорот на училиштето добил отказ, а неговиот помошник дал отказ.

Во основното училиште е воведено трајно обезбедување и поставен е детектор за метал.

Во интервју за NBC, Звернер рече дека понекогаш има кошмари од пукањето и дека има денови кога се бори да стане од кревет поради тешкото закрепнување.

„Не сум сигурна кога шокот ќе помине… Мислам на тоа секој ден“, вели таа.

Слични содржини