Mисовски: Би било опасно за опстанокот на државата доколку како Србија ја водиме политиката исклучиво за сопственото гласачко тело со паролата „Светот е против Македонија“

„Политиката на три П „ПЕНДРЕК, ПАРИ И ПРОПАГАНДА“ не праќа сигнали на демократски односи во опшеството“, вели претседателот на НСДП за „Локално“ за недобивањето покана за членство на Македонија во Одборот за мир на Трамп

од Nikola Popovski
120 прегледи Фото: Горан Мисовски

„После говорот на претседателот на САД, Доналд Трамп во Давос, очигледно е дека постои разидување за одредени прашања помеѓу САД и ЕУ. За мала држава како нашата би бил преголем луксуз да треба да правиме избор за едни или за други. Тие не се исти, но ни требаат и двете“, вели во анализа за „Локално“, претседателот на Нова социјалдемократска партија и пратеник, Горан Мисовски за насоката на Македонија по одржувањето на Светскиот форум во Давос и изјавите за создавање на нов светски поредок. За Мисовски, политиката да избереш една страна за да изгубиш друга е очигледно привилегија за многу помоќните и побогатите држави.

-Скоро 80 % од трговијата ни се со ЕУ, а САД ни е безбедносен штит особено во овие турбуленти времиња и на балканот каде што безбедноста без присуство на САД е практично невозможна. објаснува Мисовски и додава дека ако после претходниот форум во Давос општата констатација беше „На западот нема ништо ново“ после овој самит кој што беше организиран под мотото „Дух на дијалог“  може да се констатира дека „На западот се е ново и ништо не е како што беше“.

-Меѓународните односи се оптеретени со војни кои што траат но и најверојатно со нови линии на поделби. Дијалогот, се надевам дека привремено, е заменет со моќта на силата, а геополитичките тензии и недовербата меѓу големите сили ке бидат се поизразени.

Од клучно значење за иднината на нашата држава се односите со НАТО, САД и ЕУ. САД се наш стратешки партнер кои што со години не подржуваат во реформите,демократијата,економскиот развој и безбедноста. САД имаат значајна улога за нашето членство во НАТО и во поддршката за европската интеграција, а Европската Унија е наш главен политички и економски парнер. Затоа мислам дека се многу погрешни тезите дека е дојден момент кога ние треба да се определуваме за „СТРАНИ“. Нашата „Страна“ е дефинирана, Република Северна Македонија е прозападна, демократска и евроатланска држава. За жал за овие стратешки цели плативме висока цена и затоа треба да си ги браниме со сите можни сили и капацитети кои што ни се на располгање, анализира соговорникот.

Околу споредбата со Србија во однос на тоа дали можеме „да седиме на две столчиња“, Мисовски смета дека не е соодветна компарацијата, затоа што, како што вели, ние како држава веќе сме се определиле – сме земја-членка на НАТО.

-Она што би било опасно за опстанокот на нашата држава е, ако Република Северна Македонија како и Србија, ја води политиката исклучиво и само за сопственото гласачко тело со паролата „ Светот е против Македонија“, потенцира претседателот на НСДП.

Мисовски е дециден дека Владата веќе втора година од својот мандат нема јасна стратегија во надворешната политика. Според него, се случува од преголеми најави и очекувања до многу слаба присутност во Вашингтон, Берлин и особено во Брисел.

Фото: Горан Мисовски

-Заради задоволување на партиската квази-патриотска агенда, политиките на Владата се такви да нашите стратешки партнери не третираат како „не сме им ризик ама не сме им ни приоритет“. Се заострува реториката кон Бугарија заради задоволување на сопствена ПР-стратегија за поделба на народот на патриоти и предавници. Тоа не е проактивна политика во борбата за нашата европска интеграција, уверува пратеникот.

За Одборот за мир на Трамп, Мисовски посочува дека со самиот факт дека Бугарија, Албанија и Косово се поканети, а ние не сме, е порака до Владата за политиките кои што ги води како на домашен така и на меѓународен план.

-Политиката на три П „пендрек, пари и пропаганда“ не праќа сигнали на демократски односи во опшеството, наведува претседателот на НСДП.

Запрашан дали безбедноста, но, и постоењето на земјата е во опасност ако продолжиме со „политика на предизвик и инает“ во меѓународните односи со некои од големите сили, соговорникот вели дека „политиката на инает“ заради реализација на одредени партиски потреби, а на штета на националниот интерес, се погубни за државата. Според Мисовски, како што вели, квази-патриотизмот и глумењето на љубов кон државата, како и немањето на јасна визија што значат компромиси, веројатно се препознаени од нашиот стратешки партнер и нашите пријатели во Брисел.

-Државна политика со јасна национална платформа и стратегија за европска интеграција со прецизна динамика усогласена  во собранието на Република Северна Македонија и компромис со предлогот на Европската Унија, вели претседателот на НСДП како одговор на прашањето како би се позиционирале како партија во целата ситуација и доколку се на власт и како да одржуваме добри односи со сите, без да ѝ се наштети на земјата.

Слични содржини