Митреска: Дигиталната финансиска инклузија станува еден од главните приоритети на глобално ниво

од Vladimir Zorba

Дигиталната финансиска вклученост е еден од новите глобални предизвици. Новите времиња и дигитализацијата носат нови можности за поголема финансиска инклузија, како и нови предизвици за повисок степен на финансиска едукација. Во услови на потреба од натамошно унапредување на финансиската вклученост и финансиските познавања на населението во нашата земја, годинава, заедно со другите финансиски регулатори, ја усвоивме првата национална Стратегија за финансиска едукација и финансиска инклузија, која предвидува голем број активности и кооридиниран пристап.

Ова го посочи вицегувернерката Ана Митреска во својата презентација на работилницата организирана од германската Шпаркасе фондација за меѓународна соработка, која беше одржана за да го означи почетокот на активностите на оваа фондација во нашата земја во областа на финансиската инклузија.

„Потребно е знаење за новите можности, свесност за дигиталните ризици (онлајн измама и ризици за сајбер безбедноста, прекумерно задолжување), познавање на правата на потрошувачите и процедурите за компензација. Дигиталната финансиска инклузија станува еден од главните приоритети на глобално ниво. На пример, Г-20 Глобалното партнерство за финансиска инклузија кон крајот на 2020 година го постави дигиталната финансиска инклузија како еден од главните приоритети во својот акционен план за финансиска инклузија”, посочи вицегувернерката Митреска.

Таа истакна дека на новите предизвици и потреби одговораме стратешки со координиран пристап преку изработка и имплементација на првата национална Стратегија за финансиска едукација и финансиска инклузија. Истата содржи голем број на активности кои би се спроведувале од страна на регулаторните тела, како и приватниот сектор, а се очекува и придонес од страна на граѓанскиот сектор. Главните столбови во доменот на финансиската инклузија се заштитата на потрошувачите, пристапот до финансии за одделни целни групи, финансиски иновации. Од аспект на финансиската едукација напорите се насочени кон градење на основни познавања кај целните групи, координирани напори за едукација, изработка на едукативни материјали и вградување на добрите практики.

Слични содржини