Митрополит Г. Јосиф: Празнувајќи го тој прв празник меѓу празниците, да не дозволиме нашето внимание да го одземе световната агонија од застрашувачкото и несигурно утре

Свое обраќање утринава, за верниците од тетовско – гостиварката епархија, имаше Митрополитот Г. Јосиф, кој им ги честиташе големите христијански празници, Бадник и Божиќ. Тој како надлежен архиереј честитајќи го празникот посака добро здравје, духовен спокој и мир за верниците како и желби за конечна победа над присутната пандемија.

„Сите ние сме сведоци дека овогодинешното Раѓање на нашиот Бог и Спасител ќе го празнуваме во тешки денови, но да не очајуваме, бидејќи витлеемската ѕвезда доаѓа повторно да го осветли нашиот живот, да нѐ посети на единствената празнична вистина, а тоа е дека Христос се роди и дека Бог го испрати спасението на народот свој. Христовото раѓање е празник, кој повторно ја буди изгубената надеж кај човечкиот род, надежта на спасението“, се вели во обраќањето на тетовскиот владика.

Митрополитот г. Јосиф ги потсетува на потребата за верба кон Бога во тешки времиња како сега.

„Празнувајќи го тој прв празник меѓу празниците, да не дозволиме нашето внимание да го одземе световната агонија од застрашувачкото и несигурно утре, туку нашите очи да ги насочиме кон незалезната светлина на Рождеството Христово, кон Раѓањето кое на светот му го донесе Семето на вечниот живот и начелото на идниот век,“ истакна митрополитот тетовско-гостиварски г. Јосиф.

Слични содржини