Мицкоски не бил уредно поканет, затоа не се појавил да сведочи за 27 април

од Берта Китинска

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска не се појави во Основниот кривичен суд во Скопје да сведочи на рочиште за предметот „27 април”.

Од партијата велат дека Мицкоски не се појавил на рочиштетот поради тоа што имал однапред закажани обврски и поради тоа што не бил уредно поканет

„Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски поради однапред закажани обврски беше спречен да присуствува на рочиштето за 27 април. Доколку биде уредно поканет ќе сведочи на првото наредно рочиште. Со задоволство ќе посведочи за вистината, наспроти политичките злоупотреби и прашини кои што се креваат за овој случај.“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

На денешното рочиште за предметот „27 април” сведочеше  поранешниот градоначалник на Скопје, Коце Трајановски.

Трајановски негираше каква било вмешаност на ВМРО-ДПМНЕ во протестите „За заедничка Македонија“. Тој  отфрли дека какви било инструкции биле давани од партијата за учество на протестите и дека не давал  насоки од обвинетите ексминистри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски.

Случајот се наоѓа во доказна постапка и го води судијата Илија Трпков, а застапник на обвинението е Вилма Русковска.

Обвинети во овој предмет се поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, ексминистрите за транспорт и врски и за образование, Миле Јанакиевски и Спиро Ристовски, како и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски.

Тие се товарат дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.

Слични содржини