Мојсовски ја тужи ДКСК за клевета

од Nikola Popovski

Директорот на Агенцијата за млади и спорт (АМС) Наумче Мојсовски поднел тужба за клевета против Државната комисија за спречување корупција (ДКСК). Ова денеска го истакна претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска.

Како што информира Ивановска, во тужбата стои дека Антикорупциска се товари дека јавно објавувала информации за директорот на АМС.

-Станува збор за предмет кој во континуитет се работи две години. Го изанализиравме функционирањето на АМС во целина, дадовме препораки кои директорот не ги реализира, изјави Ивановска на денешната седница на ДКСК.

Членот на ДКСК Владимир Георгиев посочи дека фактите во извештајот на ДКСК за директорот на АМС, што се изнесени на една од претходните седници на Комисијата, се засноваат на факти за работењето на директорот доставени од Агенцијата или од други надлежни институции.

Членот на ДКСК Нури Бајрами, пак, посочи дека не му е јасно како едно службено лице не препознало дека седниците на ДКСК се јавни и дека Комисијата е можеби потранспарентна од тоа што е предвидено со закон.

ДКСК пред повеќе од два месеци достави иницијатива до Јавното обвинителство за кривично гонење на актуелниот директор на Агенцијата за млади и спорт Наумче Мојсовски и членовите на централната комисија поради основани сомнежи за злоупотреба и непочитување на ваучер системот на финансирање фондации и спортски клубови.

Според анализите на ДКСК годишно на овој начин се трошат околу една милијарда денари, што се вложуваат во спортот по разни основи, но АМС нема никаква отчетност како ги доделува и како се трошат овие средства.

Мојсоски неодамна изјави дека ова е смислена хајка против него. Тој потенцира дека тој не ги дели средствата и дека постапката не е толку објаснета пред јавноста.

Слични содржини