Мораториумот во САД истекува: Милиони луѓе ќе останат без покрив над главата

од Nikola Popovski

Милиони Американци повторно се во опасност да останат без покрив над главата ако не можат да платат кирија, бидејќи денес истекува мораториумот кој им забрануваше на сопствениците да ги исфрлаат на улица за време на пандемијата на коронавирус, а Конгресот не го продолжи.

Врховниот суд на САД претходно одлучи дека мораториумот може да остане во сила до 31 јули, но администрацијата на претседателот Џозеф Бајден не ја обжали одлуката.

Се проценува дека повеќе од 3,6 милиони луѓе се загрозени, кои би можеле да бидат на улица уште во понеделник доколку не ја платат киријата.

Кога стана јасно дека Конгресот нема да го продолжи времетраењето на овој мораториум, претседателот Бајден апелираше до федералните власти да ги преземат неопходните чекори и да спречат луѓето да бидат исфрлени на улица, пренесува Гласот на Америка.

„Државите и локалните власти треба да им платат на сопствениците и оние што изнајмуваат станови од нивните средства и да спречат иселување“, се вели во апелот на Бајден.

Конгресот претходно одобри помош од 47 милијарди американски долари за федералните држави за да обезбедат пари за сопствениците што ги издаваат своите станови за време на пандемија, кога многу луѓе загубија работа и пари.

Конгресмените потсетуваат дека федералните држави ги распределија тие пари многу бавно и дека беа потрошени само три милијарди долари.

Бајден во четвртокот го повика Конгресот итно да го продолжи мораториумот за исфрлување, а претседателката на Претставничкиот дом Ненси Пелоси закажа гласање за петок рано наутро, но по неколкучасовните преговори, демократите не успеаја да се договорат за продолжување, а републиканците не го поддржаа предлогот .

Според Министерството за урбанистички развој, на крајот на март, речиси 6,4 милиони домаќинства доцнеле со плаќање кирија, а на почетокот на јули, 3,6 милиони луѓе рекле дека би можеле да останат без покрив над главата во следните два месеци.

Слични содржини