Муриќ од „Слобода превоз“: Размислуваме на блокадите да ги донесеме и нашите семејства

од Nikola Popovski

Автобусите остануваат тука се до крајно решение на ситуацијата и протестот ќе има неограничен тек, изјави утрово Кемал Муриќ, претставникот на приватниот превозник „Слобода превоз“ во однос на блокадите на приватниците на три клучни крстосници во Скопје.

Муриќ најави дека превозниците размислуваат на блокадите со нив да ги донесат и нивните семејства.

-Закани немаме, но егзистенцијалното прашање е главниот мотив, затоа сме тука. Градоначалничката ако има желба може со еден повик да го реши проблемот, потенцира претставникот на „Слобода превоз“, нагласувајќи дека доколку дојде до договор на исплаќање на барем еден паушал, ќе се тргнат блокадите.

Според него, ваквите протести се поради тоа што не постои друг начин да се сврти вниманието кон нивниот проблем и долгот што го има ЈСП Скопје.

-Овие автобуси се сопственот на правни лица кои плаќаат данок, од кој плата зема и градоначалничката, порача Муриќ.

Приватниците ги блокираа крстосниците кај ТЦ Мавровка, кај зградата на Црвен крст, како и дел од булеварот „Илинденска“ кај објектите на Град Скопје.

Слични содржини