На американските улици се појави нова дрога

од Stefanija Kuzmanovska

Нова дрога – седатив кој се користи за животни – се повеќе навлегува во нелегалниот нарко пазар во Калифорнија, а локалните власти се загрижени дека неговото доаѓање може да ја влоши веќе алармантната криза со предозирање, пишува германската новинска агенција ДПА.

Утврдено е дека ксилазинот, познат како „tranq“, придонел за мал број смртни случаи од предозирање во Сан Франциско и Лос Анџелес, што укажува дека лекот кој го користат ветеринарите за смирување на животни веќе почнал да се пробива во понудата на нелегални дроги на улиците на двата града.

Во Сан Франциско, четири лица кои починаа меѓу декември и јануари имале ниски нивоа на ксилазин во нивните органи, што го поттикна градскиот оддел за јавно здравје да издаде предупредување за лекот, истакнувајќи дека може несвесно да се меша со други дроги како фентанил и хероин.

Д-р. Гери Цаи, директор за превенција и контрола на злоупотреба на супстанции во Одделот за јавно здравје на округот Лос Анџелес, рече дека траги од лекот биле пронајдени во телото на жртва од предозирање во 2021 година.

За што се користи ксилазин?

Американските службеници за спроведување на законот објавија дека „tranq“ најпрво бил забележан како улична дрога во Порторико, но потоа откриле дека почнал да се пробива до државите во североисточниот дел на САД.

„Сè уште не е толку вообичаен, но како фентанил, тој е пораспространет на источниот брег и се движи кон запад“, рече Цаи. „Тоа е нешто што загрижува“.

Во извештајот од октомври 2022 година, федералната Администрација за борба против дрогата (ДЕА) предупреди дека ксилазинот се повеќе се открива во недозволените дроги. Иако лекот понекогаш се користи самостојно, ДЕА објави дека најчесто се наоѓа во комбинација со други супстанции, вклучувајќи фентанил, кокаин и хероин.

Ксилазин првенствено се користи во ветеринарната пракса како животински мускулен релаксант и не е одобрен за човечка употреба.

„Може да ги привлече и оние кои бараат продолжен ефект на дрога бидејќи зависниците наведуваат дека ксилазинот има многу исти ефекти како опиоидите, но со подолготрајно дејство од самиот фентанил“, се вели во извештајот на ДЕА.

Слични содржини