Над 10 илјади активни корона-случаи, 499 граѓани примиле трета доза

од Nikola Popovski
199 прегледи

Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 193.458, бројката на оздравени пациенти е 175.881, на починати е 6.758, а бројот на активни случаи изнесува 10.819.

Во текот на вчерашниот ден аплицирани се вкупно 3 845 дози вакцини, од кои 958 се аплицирани како прва доза, 2 813 се ревакцинирани, а 74 граѓани примиле трета доза вакцина, информираше Министерството за здравство (МЗ).

По вчерашниот ден, според пресекот направен од МЗ, вкупно се вакцинирани 792 174 граѓани од кои ревакцинирани се 740 822. Откако е достапна и трета доза, заклучно со вчерашниот ден неа ја примиле 499 граѓани.

Најголем број активни случаи има во Скопје и тоа 5.217, а потоа следуваат Куманово со 961 и Тетово со 836. По четири активни случаи има во Демир Капија и Пехчево, а само еден во Дојран.

Околу 75 отсто наставници во училиштата се вакцинирани, а настава на далечина следат околу два процента од учениците, соопшти вчера Министерството за образование и наука.

Со одлука на Владата училиштата одржуваат онлајн-настава за оние ученици за кои родителите ќе го побараат тоа од медицински и од немедицински причини. МОН очекува дека со континуираната имунизација ќе се обезбеди дополнителна сигурност и услови за продолжување на наставата со физичко присуство.

Од понеделник треба да почне и најавениот скрининг на околу 8.200 ученици во основните и средните училишта со цел да се добие податок дали има трансмисија на вирусот во училиштата. Тестирањето за присуство на Ковид-19 со земање брис ќе биде по случаен избор на учениците од регистарот на Е-дневник и со согласност на нивните родители.

 

Слични содржини