Надал: Роџер и јас не сме блиски пријатели, не би му кажал дека ме боли колено пред натпревар

од Vladimir Zorba

Врската помеѓу Рафаел Надал и Роџер Федерер отсекогаш била под посебно внимание на јавноста.

Шпанецот и Швајцарецот се рекордери со по 20 трофеи од Гренд слем турнирите, тие се во трка со Новак Ѓоковиќ за титулата најдобар играч на сите времиња, а исто така се верува дека се и добри пријатели.

Во интервју за „Vision de Juego“, Надал сподели нешто повеќе за неговиот однос со тенисерот од Базел.

Нивното ривалство на почетокот изгледаше жестоко, но се губеше со текот на годините и сега тие дејствуваат како сојузници дури и во Советот на играчи на АТП.

„Ние сме добри пријатели, како одминуваше времето, нашите односи се подобруваа. Ние не сме блиски пријатели, никогаш не би му кажал дека ме боли коленото пред да излезам на терен! Понекогаш можеме да се слушнеме и да разговараме за некои работи, само денес се слушнавме“, откри Надал.

Тенисерот од Манакор оваа недела не игра во Мајами.

Неговата желба е да се подготви за сезоната на земјени терени.

„Сакам да бидам во конкурентна форма што е можно поскоро, да се подготвам добро за Монте Карло и целата сезона на земја. Тоа е најважниот дел од годината за мене. Работам многу напорно овие денови“, заврши Надал.

Слични содржини