Најмалку девет жени жртви на „дрога за силување“ на прославата на германската СПД

од Vladimir Zorba

Најмалку девет жени кои присуствувале на забава организирана од германската Социјалдемократска партија (СПД), на која бил и канцеларот Олаф Шолц, биле дрогирани со супстанца позната како „дрога за силување“, објави СПД во саботата.

Портпаролот на партиската пратеничка група во парламентот го потврди пишувањето на берлинскиот весник „Тагесшпигел“ и додаде дека досега се потврдени девет жртви.

Берлинската полиција соопшти дека истражува сериозни повреди откако 21-годишна жена поднела жалба.

„Ги советувам сите засегнати да поднесат тужба“, напиша на Твитер една од првите луѓе на СПД, Катја Маст.

Во мејлот упатен до учесниците на таа летна прослава одржана во средата, СПД го осудува „страшниот чин што веднаш бил пријавен во полиција“.

Илјадници луѓе присуствуваа на традиционалната прослава што СПД ја организира пред летниот одмор, а меѓу нив беше и канцеларот Шолц од таа партија, како и бројни други претставници и соработници.

Берлинската полиција соопшти дека по „прослава организирана од политичка партија“, 21-годишната жена пријавила дека не се сеќава на никакви детали од вечерната забава следниот ден.

Таа се пријавила во болница на преглед и поднела пријава. Таа млада жена конзумирала храна на забава и пиела безалкохолен пијалок кога наеднаш почувствувала слабост и вртоглавица.

Досега полицијата е известена за уште четири вакви случаи.

„Дрогата за силување“ предизвикува гадење и вртоглавица и најчесто се става во пијалоци и предизвикува седација (смирување) со хипнотичко дејство (поспаност) така што личноста не може да одолее, а агресорите можат да силуваат или да применат некаков акт на агресија.

Во 2021 година, во Берлин, град познат по понекогаш прекумерните забави, биле пријавени 22 случаи на агресија со „дрога за силување“, пишува весникот „Берлинер цајтунг“.

Сепак, реалниот број на жртви е многу поголем, бидејќи многумина не можат да се сетат на настаните и се срамат да поднесат жалба.

Слични содржини