НаКС: Дали е нужен притисокот на јавноста за Владата да ја разбере улогата на образованието во нашето општество?

од Vladimir Zorba

„Денот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј, воедно и патронен ден на најстариот универзитет во државава и на сите просветни работници, оваа година го дочекуваме во невообичаени околности – вонредна состојба, затворени училишта и факултети поради кризата предизвикана од корона вирусот“, се вели во денешното соопштение на Независниот академски синдикат (НаКС).

„Пандемијата го освести светот дека животот, во буквална смисла, ни зависи од пожртвуваноста на здравствените работници, квалитетот на научно-истражувачките установи и стручноста на професионалците од различни области, кои се посветени во решавањето на низа проблеми кои ги предизвика корона вирусот. Политичарите и јавноста ги очекуваат решенијата во оваа криза од овие луѓе, чии знаења и вештини се градени од во образовните системи и не се стекнати преку ноќ.

Ефектите од корона вирусот кој го затекна целиот свет неподготвен и во голема мера ги надмина границите на здравствена криза, во нашата земја повторно ги исфрли на виделина наталожените проблеми во сите степени на образованието и науката. Недостаток на информатичка опрема, речиси никаква дигитализација на едукативните и научните ресурси, непостоење на однапред подготвени процедури и протоколи за работа на управните тела на образовните институции во случај на криза од каков било вид. Образовните институции и кадарот се препуштени да импровизираат во on line наставата, неретко без институционална поддршка и меѓусебна координација. Сепак, како што стручните лица во медицинските установи со натчовечки напори ги вложуваат сите свои знаења за да се справат со ситуацијата, така и професорите и наставниците, заедно со студентите и учениците даваат сè од себе да одговорат на предизвиците.

Од друга страна, Владата, наместо да го поддржи научно-образовниот систем, се обиде да ги скрати платите во високото образование и науката, како еден од „секторите без кој се може“. За да не дојде до тоа, на површина за првпат излезе солидарноста на синдикатите, вклучително и на НАкС, во борбата економските проблеми да не се решаваат на грбот на работниците и сиромашните. Потценувачкиот однос кон образованието кулминираше со ставот на министерот Арбер Адеми, кој во време додека се отворени коцкарници и трговски центри, а се планира и одржување избори, го забрани испитувањето на студентите во живо, а потоа ретерираше под притисок на јавноста. Дали е нужен притисокот на јавноста за владата да ја разбере улогата на образованието во нашето општество?

На овој важен ден порачуваме дека е крајно време образованието и науката да се стават во прв план и државата да сфати дека поддршката и вложувањето во овие дејности е најисплативата инвестиција што може да се направи на подолг рок. Таа инвестиција не претставува само издвојување финансиски ресурси, туку подразбира и создавање структури, креирање долгорочни политики, вработување на талентираните дипломирани млади луѓе, а пред сè градење систем на вредности. Само со сериозна инвестиција во образованието и науката ќе ги создадеме луѓето и изградиме капацитетите на институциите што ќе можат да се носат со бројните предизвици кои ја чекаат државата и светот.

На просветните работници им го честитаме празникот и патрониот ден, потсетувајќи дека борбата за подобри услови за работа и повисок стандард мора да продолжи. За да бидеме успешни во таа борба мора да бидеме паметни, истрајни, но пред сè, обединети!“, додаваат оттаму.

Слични содржини