Небиу: ВМРО- ДПМНЕ веќе шеста година е во опозиција поради „албански проблем“

од Берта Китинска

ВМРО има активна стратегија да си го подобри коалициониот потенцијал со албанските партии. Тој процес не е толку лесен како кај левицата, со оглед на историјата на оваа партија, но конечно мислам дека ќе се создаде таков вид на коалиција, вели во разговор за „Локално“, политичкиот аналитичар Бесим Небиу во врска најавите на Опозициската ВМРО-ДПМНЕ на следните листи за пратеници да има и кандидати Албанци.

-Една од главните причини поради кои ВМРО- ДПМНЕ веќе шеста година е во опозиција е што има “албански проблем“. Во и по изборите во 2016 и 2020, ниту една албанска партија не беше спремна да коалицира со оваа партија, и тоа ги чини власт, појаснува Небиу.

Според него проблемот на ВМРО е што партијата дел од сопствените гласачи традиционално ги галванизирала со пораки се карактеризираат како отворено анти-албански.

-Во последните две години, се чини раководството на оваа партија има решено да отвори нов страница во ова поглавје, свесна дека за да дојде на власт и треба албански коалиционен партнер. Со оглед, на тоа дека степенот на подршка за оваа партија кај албанците е незначителна, стратегијата со албански кандидати е мислам повеќе насочена кон “спуштање на топката“ во однос на Албанците кај сопствената партиска база и членство, некој вид на получекор на понатамошно приближување со цел идно коалицирање на оваа десна етничка партија на Македонците, со некоја слична етничка партија на Албанците, смета аналитичарот.

Во врска со тоа дали нивната „албанска понуда“ и крајната цел е, можеби, прв Албанец премиер на земјава, Небиу вели дека оваа „понуда“ повеќе наликува на политички театар отколку реална политика.

-Премиер Албанец беше ПР проект на ДУИ за изборите во 2020, преку кој успешно ја наметна темата и наративот на целата кампањата, со тоа одбегнувајќи дебата за сопствените неуспеси –На крајот тоа се сведе на симболика – технички премиер за 100 дена пред следните избори. Се разбира тоа не беше ветувањето на ДУИ. Мислам дека ова е повеќе политички театар отколку реална политика – ако во тој театар ДПМНЕ мисли дека може да поентира – секако дека и тие би учествувале, појаснува тој, додавајќи дека ВМРО има активна стратегија да си го подобри коалициониот потенцијал со албанските партии.

-Тој процес не е толку лесен како кај левицата, со оглед на историјата на оваа партија, но конечно мислам дека ќе се создаде таков вид на коалиција, подвелкув аналитичарот.

Пролетната политичка офанзива на ВМРО ДПМНЕ и блокадите, според Небиу имаат за цел повеќе да создадат „пукнатини во кревкото парлементарно мнозинство“.

-Барањето за една изборна единица на Демократскиот Сојуз, како услов за опстојување на ова мнозинство е на пример една илустрација на ефектите на тој притисок. Премиерот Ковачевски има тешка задача да одржува владино единство во ваков состав на парламентарно мнозинство – опозицијата се обидува таа задача максимално да му ја отежни, смета тој.

Во врска со најавите кои доаѓаат од редовите на ДУИ, дека ќе има предвремени парламентарни избори доколу во јуни нема почеток на преговорите за членство во Европската Унија, аналитичарот вели тој дека е нормално „балонот да пукне и да станат неизбежни новите избори“.

-Владината коалицијата се држи на наративот на ЕУ интеграции и почеток на преговори веќе 2 години – нормално е, доколку се пропуштии шансата во Јуни – тој балон да пукне и да станат неизбежни новите избори. Во тој случај сите варијанти се и политичките комбинаторики се отворени . Не би исклучил и предизборни коалиции меѓу ДУИ и СДСМ, но тоа е повеќе работа на политичка прагма и на пребројување и комбинации – дали таквата коалиција би им била корисна на двете страни, вели Небиу.

Б.М.

Слични содржини