Нигер се повлекува од воениот договор со САД

САД во моментов имаат околу 648 војници во Нигер, стационирани главно во пустинска база за беспилотни летала во Агадез

од Бети Божиноска

Властите во Нијамеј одлучија да се повлечат од договорот со САД со кој се дозволува американски воен персонал и цивилни работници од Пентагон да работат во западноафриканската држава, објави владиниот портпарол на државната телевизија.

„Националниот совет за заштита на татковината официјално ги осуди… договорите за воена соработка што ја поврзуваат земјата со САД“, рече портпаролот полковник Амаду Абдрамане.

Одлуката е донесена само неколку дена откако делегација на високи американски функционери, меѓу кои и шефот на Американската команда за Африка (АФРИКОМ), генерал Мајкл Ленгли, ја заврши тридневната посета на таа африканска земја.

Американскиот тим се состана со неколку највисоки нигериски функционери, меѓу кои  и премиерот Али Махаман Ламине Зеин, со намера да преговара за обновување на договорот, но не успеа да обезбеди средба со лидерот на земјата, генерал Абдураман Чијани.

„Нигер изразува жалење за намерата на американската делегација да му го ускрати правото на суверениот народ на Нигер да ги избира своите партнери и видовите партнерства што навистина ќе им помогнат во борбата против тероризмот“, рече Абдрамане.

Портпаролот додаде дека однесувањето на американската делегација е спротивно на дипломатските протоколи, па дури и не ги информирала домаќините за агендата и датумот на пристигнување.

Воената влада на Нигер, која дојде на власт со соборувањето на прозападниот претседател Мохамед Базум минатиот јули, презеде голем број чекори за да ги прекине врските со поранешните воени партнери на Ниамеј. Актуелните лидери го оправдаа пучот со, како што го нарекоа, неуспехот на владата на Базум да се бори против исламистичките терористи во Сахел, и покрај присуството на странски сили, вклучувајќи ги и француските војници.

Франција го заврши повлекувањето на своите трупи од Нигер во декември откако раководството во Ниамеј ги прекина врските со своите поранешни колонијални владетели и им нареди на нивните сили да ја напуштат земјата.

Но, Вашингтон рече дека повлекувањето од Нигер не е опција за САД, тврдејќи дека ќе воспостави „прагматични“ односи со новите воени власти и покрај тоа што САД им се приклучија на Франција и другите западни сојузници во суспендирањето на помошта за Ниамеј.

САД во моментов имаат околу 648 војници во Нигер, стационирани главно во пустинска база за беспилотни летала во Агадез, вредна 100 милиони долари, откако во септември „преместија“ дел од своите војници од главниот град Ниамеј. Оттогаш, летовите на американските беспилотни летала во Нигер се ограничени на собирање разузнавачки информации, додека вооружените мисии за контратероризам се главно суспендирани, соопшти Пентагон.

По разговорите во Москва меѓу шефот на одбраната на Нигер, Салифу Моди, и неговите руски колеги во јануари, Русија и Нигер се согласија да развијат „билатерална воена и воено-техничка соработка“ и да работат заедно на стабилизирање на безбедноста во регионот Сахел во Западна Африка.

Слични содржини