Никогаш порано ЕУ не реагирала заради злоупотреба на европското знаменце како што беше за Законот за игри на среќа, велат од Кабинетот на Пендаровски

од Nikola Popovski

За измените на Кривичниот законик имаше јасна европска Директива за конфискација на имот стекнат со криминал. Имено, во тој дел, измените на Законикот се усогласени со европската Директива за замрзнување и конфискација на предмети и имотна корист, која освен казната затвор, фокусот го става на одземањето на имотната корист од сторителите на овие кривични дела, велат од Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски по реакцијата на ДУИ за непотпишувањето на Законот за игри на среќа.

Оттаму додаваат дека никогаш порано, за ниту еден закон, Европската унија писмено не реагирала да не се злоупотребува европското знаменце пред воопшто тој закон да биде донесен, како што ЕУ постапи сега во однос на Законот за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри.

-Дописот во кој јасно се назначува дека не е почитувана процедурата, односно писмото од Европската Унија пред да биде испратено до Претседателот, е исто така испратено и до Владата и до Собранието. Вицепремиерот Артан Груби како и сите членови на Владата би требало да се запознаени со овој допис, стои во соопштението на Пендаровски.

ДУИ го обвини претседателот за двојни стандарди бидејќи претходно го потпишал указот за измените во Кривичниот законик кои, исто така, беа донесени со европско знаменце и покрај противењето на ЕУ.

Од партијата го повикаа Пендаровски да ги каже вистинските мотиви за непотпишувањето на законот за игри на среќа, но и кој, како што велат, го поттикнал да оди против волјата на граѓаните и пратениците.

Од движењето Антикоцкање пак, велат дека претседателот легализирал перење на валкани пари, а во име на европските стандарди го штити сомнителниот капитал.

-Тотално сме разочарани, се чувствуваме предадени од вашата преземена одлука за недекретирање на предлог законот за игри на среќа, вашата заштитата на криминалот и криминалците во која се задушени од страста на криминалот и класичниот крабеж што му се прави на граѓанинот, велат од Антикоцкање.

Одлуката на претседателот ја поздравија од Асоцијацијаците на приредувачи на игри на среќа. Оттаму велат дека ова е уште една потврда оти немало правна основа, а со непотпишувањето на указот се заштитени Уставот и европските вредности.

Слични содржини