Николов: Позитивни се разговорите со Бугарија и другите земји за набавка на поевтини енергенси но не треба да очекуваме спектакуларни резултати

од Берта Китинска

Поранешниот претседател на Македонската асоцијација на рударство, Николајчо Николов, кој беше еден од првите кој предупреди на фаталните последици по рудниците поради вртоглавото покачување на цената на електричната енергија, не е многу оптмистичен во однос на преговорите со Бугарија за обезбедување поефтина струја. Резултатите според него нема да бидат спектакуларни.

“И во случај да договориме доволни количини на електрична енергија со Бугарија таа може да биде пониска од берзанската за 10-15%, но ако се има предвид дека сите експерти очекуваат дека во Европа берзанската цена во следната година нема да биде под 400 евра/мвч, тогаш е само прашање колку од домашните претпријатија ќе опстанат’’, вели Николов во интервју за Локално.

Оттука според него, иако доцниме мора итно да си ги потврдиме сите домашни резерви и потенцијали и да инвестираме. Како едно од најтешките прашања го посочува времетраењето на оваа криза поради која запре производството во кавадаречки Еуроникел, но и беше една од причините за затворање на рудниците Бучим и Боров дол. “Мене лично многу ми е жал што голем број од овие луѓе кои принудно остануваат дома заминуваат налутени на државата, на менаџерите, локалната самоуправа. Не правиме доволно да ги задржиме тука и сигурно во некое идно време ќе ни биде тешко да ги рестартираме капацитетите’’, заклучува Николов.

Скапата електрична енергија и редовните ремонти беа причина за запирање на производството на рудниците Бучим и Боров Дол. Дополнително, високите цени на енергенсите го затворија и кавадаречкиот Еуроникел. Како ги коментирате овие негативни трендови и постојат ли стравувања дека тие ќе продолжат?

Сметам дека Бучим и Боров Дол, па и Еуроникел се само првите фирми кои не можеа да ја издржат високата цена на електроенергијата. Добро е што реагира министерот Бектеши, но погрешно е да се поистоветуваат сите рудници за обоени метали, од основна причина што се различни. Имено, Бучим и Боров Дол преработуваат најсиромашна руда на бакар во светот (содржина на бакар 0,22-025%) и количина од над 4,5 мил.тони годишно, а Саса една од најбогатите руди за олово и цинк во Европа и преработува олово-цинкова руда со содржина од 8-10% и количина од околу 800.000 тони годишно.Рудниците за олово и цинк

во Злетово и Тораница преработуваат посиромашна руда на олово и цинк и помали количини, така што и тие веќе ја чувствуваат високата цена на електрична енерегија. Во Еуроникел Кавадарци состојбата е чисто економска и високата цена на електрична енергија е единствената причина за запирање на производството. Оправдана е дилемата дали сопствениците на овие фирми треба да ја реинвестираат добивката во работниците во оваа криза бидејќи исплатата на 70% од платата на одреден период е трошок. Подеднаков трошок е и исплатената плата на работниците кои остануваат на работа иако не се реализира процес на производство. Оттука, најтешко е прашањето за времетраењето на оваа криза. Значи прашањето е комплексно и многу сложено. Имам забелешка во однос на менаџерскиот тим на Бучим и Боров Дол бидејќи благовремено не ја информираа јавноста (вработените, општинското раководство,Стопанската Комора и Владата на РСМ).Можеби епилогот ќе беше ист, но немаше да биде „гром од ведро небо“. Се плашам дека во наредниот период ќе имаме уште многу вакви претпријатија и треба сите институции да бидат подготвени.

Дали преговорите со Р.Бугарија може квалитетно и поволно да го реши прашањето за снабдување со ел.енерија во наредниот период? Каков е вашиот став како стопанственик кој има поминато над 50 години во производствените компании?

Енергетското прашање било, е и ќе биде важно прашање за секоја земја. Да се потсетиме на изреката дека самостојна е само онаа земја која има сопствена енергија, а тоа добро го почуствувавме во оваа криза. Кризата ја почуствуваа и многу поразвиените земји во Европа, но тие многу побрзо се престроија и се престројуват. Позитивни се разговорите со Р.Бугарија и другите соседни земји, но не треба да очекуваме спектакуларни резултати.И во случај да договориме доволни количини на елктрична енергија со Бугарија таа може да биде пониска од берзанската за 10-15%, но ако се има предвид дека сите експерти очекуваат дека во Европа берзанската цена во следната година нема да биде под 400 евра/MWh, тогаш е само прашање колку од домашните претпријатија ќе опстанат. По мое мислење иако доцниме мора итно да си ги потврдиме сите домашни резерви и потенцијали и да инвестираме. Јасно е дека имаме ограничени резерви на јаглен, хидриопотенцијалите ни се главно ангажирани и ни останува сонцето како голем и реален потенцијал. Бидејки ние традиционално правиме се во последен момент, таков е случајот и со фотоволтаиците, мислам дека сме шампиони во комплицирани процедури. Според некои податоци, во нашата земја има заинтересирани субјекти (поголеми и помали) за изградба на фотоцволтаици со моќност од над 500 мW,што е сериозен потенцијал. Во оваа прилика сакам да предложам Владата да формира претпријатие кое би ја вршело целокупната поготовка на проекти и процедури за подготвено инвестирање во оваа област, водејки сметка за правилни и рационални локации и се што е врзано за оваа проблематика. Се плашам дека ако не го централизираме ова прашање ќе ја доуништиме нашата земја,што може да има историски негативно влијание.

Како ќе се одрази запирањето на производството во Бучим,Боров Дол и Еуроникел? Прашањето особено добива на тежина ако се знае дека имаат околу 1600 вработени,дека Еуроникел има извоз од над 300 милиони евра, а Бучим и Боров Дол од над 100 мл.евра.

Нашиот економски потенцијал и онака е мал, а со запирањето на производството на овие претпријатија уште повеќе ќе се влоши и негативно ќе влијае не само на БДП туку на се. Не се засегнати само дирекно вработените,туку и нивните соработници и секако членовите на семејствата. На овој начин бројката станува застрашувачка.Едно од потешките прашања е што на овој начин принудуваме голем број на работниците (квалитетни и образовани) да си заминат од нашата земја, некои и неповратно. Мене лично многу ми е жал што голем број од овие луѓе заминуваат налутени на државата, на менаџерите ,локалната самоуправа. Не правиме доволно да ги задржиме дома и тука и сигурно дека во некое идно време ќе ни биде тешко да ги рестартираме капацитетите.

К.В.С.

Слични содржини