Ниту еден пациент не беше доведен во заблуда, тврди Митрев

од Radmila Tasevska

„Ние сме една од ретките болници којашто е целосно дигитализирана. Целиот систем не дозволува каква било манипулација, се е документирано. Кај нас се лекуваа 1743 пациенти од КОВИД кои само 35% се ставени на хемофилтрација. Имаме двојно помала смртност од јавното здравство, а една од ретките клиники сме што ги пријавувавме сите смртни случаи уште првиот ден”, вели доктор Жан Митрев во вечерашното гостување во Топ Тема на Телма телевизија.

Според доктор Митрев, хемофилтрацијата е релативно стара метода и вели дека не се употребува на лекување на КОВИД и други инфективни болести, туку е процедура.

„Тоа е слично на хемодијализа. Од самото основање ја користиме хемофилтрација, а овој нов начин е 2008ма, а новиот филтер е од 2013 што вади некои имунолошки активности. Пациент кога ќе западне во форма на болеста каде откажуваат бубрезите и срцето се оптеретува, ако не го ставите на таква процедура, пациентот секако ќе почине. Ние не лекувавме КОВИД, туку состојба предизвикана од вирусот”, вели тој.

Во однос на цената на лекување во Клиничката болница Жан Митрев, тој истакнува дека на ниту еден од пациентите не му било наплатено од почетокот, туку станува збор за депозит којшто се уплаќал при прием на пациентот, а по завршување на лекувањето неискористените средства биле вратени на пациентите.

„Депозитот беше затоа што видовме кога доаѓаа пациентите од почетокот дека се во катастрофално тешка состојба и бараа огромни напори и средства да се постигне позитивен резултат. Беа вклучени 600 евра ден на интензивна нега, 10 дена и можни две хемофилтрации. Една хемофилтрација е 3000 евра, според економски параметри колку чинат филтрите и течностите. Со цената се манипулираше и се манипулира сеуште. Ниту еден пациент не беше доведен во заблуда. Тоа е основен принцип во моето работење изминатите години. Сето ова сега е исценирано така за да се направи толку негативна пропаганда да и се наштети на клиниката”, додава доктор Жан Митрев во Топ Тема.

Слични содржини