Нов концепт во образованието: Фаќање чекор со новото време или задоволување на желбите на соседите?

Во јавноста проструија разни реакции по однос на прашањето за воведувањето на нова концепција во основното образование, со оглед на тоа што од МОН посочуваат дека ова е еден позитивен исчекор во реформираниот образовен процес, а од друга страна дел од засегнатите страни сметаат дека ова не е случајно, и дека истиот предлог е донесен непосредно по контроверзните барања на Бугарија и нивното вето за С.Македонија и пристапните преговори со ЕУ.

„Наставниот предмет историја останува задолжителен дел од интегрираната наставна програма по општествени науки. Интегрираното изучување на модулите: географија, историја и граѓанското образование овозможува суштинско поврзување на иста појaва/процес Интегрираното изучување на историјата и географијата е карактеристично за најголемиот дел земји со развиени образовни системи. На пример, ова е најдобриот начин на учениците да им се објасни каде и како се развиле древните цивилизации и кои природни услови влијаеле на нивната култура. Од друга страна, можеме да направиме разлики и споредување или поврзување со денешното сфаќање на културите. На ист начин ќе бидат организирани и природните научни дициплини односно во еден предмет природни науки којшто ќе содржи модули по биологија, хемија и физика. Со интегрирањето се овозможува изучување по теми, односно суштинско поврзување на основните димензии на иста појава и процес“, е ставот на министерството за образование и наука по однос на прашањето зошто е дискутабилен предметот историја во воведувањето во предметот општествени науки“, велат од МОН во изјава за „Локално“.

Од друга страна, од искуство професорката Јасмина Џуровска Блажовска, која одговори на неколку прашања на оваа тема за „Локално“,инаку предавач во средното училиште „Нова“, вели дека во училиштето во кое работи веќе една деценија, комбинираните и интердисциплинарни предмети се реалност од најмала возраст на учениците, па се до втора година во средно образование. Како што вели, само во последните две години, учениците бираат посебни предмети кои им се предуслов за запишување на одбраните факултети. Досега немам забележано вели, дека им недостасува знаење или вештини за совладување на било која специјализирана наука во трета и четврта година, напротив – иако тие квантитативно совладуваат помалку факти, како на пример години на раѓање на војсководци или учење напамет нна сите хронолошки настани за една држава, сепак, начинот на изучување преку истражување е многу поефикасен.

„Историјата природно припаѓа во комбинација со другите општествени науки како географија, граѓанско општество, етнологија и сл., исто како што природните науки физика, хемија, биологија, геологија и астрономија припаѓаа заедно“, смета професорката Џуровска Блажевска.

Целта според МОН за воведувањето на ваквата концепција е да се напушти стариот пристап на фактографското учење и да се поттикнат учениците да решаваат проблеми и критички да размислуваат. Целта ни е, како што велат, да обезбедат образование со кое секое дете ќе учи за вредностите како што се толеранција, почит и личен развој. Со новиот концепт учениците ќе научат да учат, ќе имаат личен развој и што е најважно ќе го достигнат својот полн потенцијал преку изборни и воннаставни предмети. Суштината на промените е во пристапот на наставниците кон самите ученици, водејќи се притоа согласно трендовите во светот кои докажано даваат резултати, односно имаат поголем позитивен импакт кон знаењето на децата и нивната подготвеност по напуштањето на училниците.

„Сметам дека целта е да се фати чекор со новото време. Можете ли да замислите денес професија која ќе бара од вас познавање на само една единствена област и ништо друго. Или поседување на фактографско знаење во кое може да ги наброите сите меморирани теоремо и формули, или битки, или да ја изрецитирате Ана Каренина без да ја поврзете со анализа на историските, географските, традиционалните аспекти на времето за кое таа се однесува.

Денес сите професии бараат од нас еден мултидисциплинарен пристап. Јас сум физичар, морам совршено знам математика, а во моментов предавам онлајн, па морав да научам се за google meet, снимање часови, подкасти, видеа, креирање презентации или како онлајн објективно да оценуваме. Потоа, сите задачи мора да бидат примери од реалниот живот, па морам да имам основни познавања и од банкарство, игри на среќа, биологија и др.“, смета пак, на ова прашање професорката Џуровска Блажовска.

Концепцијата ја создаваме врз основа на широк консултативен процес велат од МОН, не само со наставниците, туку и со родителите и учениците. Ги слушнавме ставовите на учениците и на родителите. Исто така го слушнавме мислењето на наставниците, односно 4.168 наставници одговорија дека на образованието му се неопходни промени. На итност и нужност од реформи укажуваат и сите анализи направени од ОЕЦД и УНИЦЕФ и УСАИД како и домашните истражувања коишто се спроведувале низ годините.

Со новата концепција нашето образование го доближуваме до образовните системи во најразвиените земји, односно создаваме наш национален македонски модел на основно образование.

Од друга страна, ја запрашавме и професорката Џуровска Блажовска, во кој контекст на ова гледаат професорите од приватните училишта, со оглед на погоре кажаното, дека во нив веќе од поодамна се применува ваквата концепција. Ја запрашавме и кои се предностите, а кои се недостатоците во ваквата програмска реформа на што вели:

– Предностите се во тоа што учениците стекнуваат способност да ги поврзуваат научните концепти од различни дисциплини.

Научниот метод за истражување ги применуваат во сите природни науки, плус примена на математика и информатички вештини. Атом се учи и од аспект на физика и од аспект на хемија. Учат да напишат лабораториски извештај кој е ист за сите науки. Правилно да го испишат на компјутер применувајќи графици, табели, дијаграми, Excel,  и други алатки.

Во општествените науки учат преку проекти и есеи да проанализираат еден термин, на пр. конфликт. Самите бираат кој конфликт, од кое време, кои војсководци, кои држави ќе се тема на тој есеј. Потоа ќе применат софтвер тоа да се напише, ќе ги наведат правилно изворите кои ги користеле.

Сите овие знаења потоа им требаат за на факултет на оној начин на кој ги извежбале и научиле во основно и средно школо.

-Недостатоци не мислам дека има, но има отпор при воведување на ваквиот тип на настава. Потребно е големо планирање и подготвеност од страна на сите засегнати страни тој начин да се реализира; и од страна на професорите кои имаат многу да учат, и од страна на раководните органи тоа да го овозможат и ценат, и од страна на учениците и нивните родители кои мора да веруваат во системот.

-Отпорот се јавува најмногу од страна на родителите на учениците од нашата држава, додека оние од странство веќе се навикнати на овој систем и веруваат во него. На учениците им е поприроден овој тип на учење, но бара поголема ангажираност, слобода на бирање своја тема за проект, и појасно им е како се добиваат оценките. Отпор понекогаш има и кај колегите кои на прв поглед мислат дека ќе има многу повеќе работа и не им е јасно како би предавале нешто што не им било предмет на факултет. Но нашето училиште вложува многу во едукација на својот кадар. Секогаш има тимска работа и вработени експерти кои ја креираат програмата и кои се секогаш тука да ни помогнат. За секоја промена ние имаме семинари и обуки. Само од септември досега јас лично бев на 3 онлајн обуки, едната за емоционална писменост и како да ја применуваме во училницата, и како да ја пренесеме на нашите ученици преку активности секое утро на одделенскиот час, потоа бев на обука за предавање и оценување преку истражување, и третата беше обука конкретно за мојот предмет математика и како да се планираат и предаваат наставните цели само преку истражувања.

-Постојат разлики и во начинот на оценување кој е сосема поинаков бидејќи сега не се оценува само дали ученикот меморирал и изрецитирал, туку се оценува и дали знае одреден концепт да го поврзе со реалниот свет, дали знае да се изрази правилно со терминологијата на одредената научна дисциплина, дали знае да се самооцени, како и метакогнитивно да анализира како поминал процесот на учење. Оваа разлика не е никаков недостаток, но изискува поголем ангажман кога ученик се префрла од нашите државни училишта во моето училиште.

Според ваквото објаснување, се вели може граѓаните разумно да ги стават на терезија сите работи врзани за оваа концепција и детално да ја разгледаат праксата која веќе со децении е присутна во приватните училишта.

Но, она што се јави како клучна дилема кај граѓаните и засегнатите страни, беше моментот дали во рамки на предметот историја, во оваа концепција ќе бидат избегнати или народски кажано „избришани“ голем дел од важните историски настани.

„Сите историски важни настани од националната и светската историја, продолжуваат да се изучуваат. Со новата концепција само се менува приодот и начинот на којшто ќе се изучуваат. Веќе напоменавме дека концепцијата е само рамка и дека по нејзиното усвојување ќе започне подготовката на наставните програми по сите научни дисциплини кои се опфатени во наставата. На овие наставни програми ќе работат, универзитетски професори, експерти од областите и самите наставници и тие ќе одлучат за содржините вклучени во образоавниот процес“, велат од Министерството за образование, кои сакаа да ја доближат суштината на оваа реформа.

По однос на ова прашање, професорката Јасмина Џумеровска Блажовска, беше поопширана, па оттаму испрати и порака која треба да ја примат сите засегнати страни во овој реформски процес. Имено, таа вели дека многу е важно да се избегне политизирање на промените во образованието. Промените се добри. Она по кое сите што се образувавме во Југославија патиме е тој систем. Тој систем вредеше за тогаш, но на денешниве деца нема да им користи многу кога ќе сакаат да се запишат на факултет (особено во странство) или пак кога ќе бараат работа.

Доколку повеќе предмети се спојат во еден интердисцилинарен предмет, бројот на часови сепак треба да остане ист. Нема зошто да се „бришат“ важни настани од нашата историја. Само начинот на кој се анализираат, предаваат, оценуваат настаните ќе биде поинаков, подобрен и посуштествен, смета професорката и додава:

„Засега се зборува само за промени во основното образование. Има ли професор по историја кој не знае да поврзе географија и да употребува географска карта на секое свое предавање?! Или професор по физика кој не ја знае хемијата за шесто одделение?!

Јас имам предавано во државни училишта и средно и основно, како и на факултет. Но овде се пронаоѓам и се реализирам како професор, имајќи комплетна слобода за темите и начините на кои ќе предавам некоја наставна единица. Верувам дека моите ученици после секој мој час се позаинтересирани за математиката, имаат помалку отпор кон неа, и се послободни да земат учество на часот. Таа промена кај нив што ја гледам секој час ми дава мотив и јас да учам и да се надградувам секој ден.

Јас го предавав предметот Science (природни науки) како комбинација од сите науки и немав никаков проблем. Да, требаше повторно да учам, да спремам часови секој ден, да планирам експерименти за секој час, но раководството на моето школо секогаш ми излегувало во пресрет. Сите колеги биле спремни да помогнат и да споделиме идеи и планови за некој проект кој сакам да го спроведам на мојот час.

Не велам дека е лесно, има  многу работа, многу едукација, многу подготовки, многу финансиски средсвта кои се потребни да се вложат во нагледни помагала, карти, лабораториска опрема, и се што е потребно за наставата да биде со комплетна вклученост и активираност на ученикот.

Време е нашиот образовен систем да мрдне од мртва точка, нашите вредни наставници и професори да покажат што знаат и колку можат да научат, а оние кои мислеле дека завршите ненако факултет и готово, не треба веќе да вложуваат во себе и да се менуваат на подобро, да се преиспитаат. Се за доброто и иднината на нашите деца“, стои во заклучокот на професорката од приватното училиште „Нова“.

Во рамки на прашањето, дали е случајност или наметната политика, овој потег, со оглед на тоа дека многумина сметаат дека ваквиот концепт следи по историските барања на соседна Бугарија, од Министерството за образование, смируваат и велат дека не станува збор за никакви наметнати политики. Како што велат, реформите се дел од националната стратегија на МОН за периодот 2018-2025 година, со којашто се предвидвидува рационализација на наставните планови и програми за сите години на задолжителното образование, а особено во почетните години од секој циклус, и нивно прилагодување за поефикасен и оптимален преод за учениците од циклус во циклус.  Рационализацијата подразбира и поврзување на темите во интегрирани програми, со доволно голем број на часови на изложеност на образовни активности на учениците, за оптимално развивање на клучните и генеричките компетенции.

Сите меѓународни и домашни истражувања од релевантни институции направени во текот на изминатите 20 години укажуваат на нужност од реформата на образовниот систем. Реформата е предвидена во програмата на Владата, и веќе неколку месеци наназад се работи на конкретизирање на чекорите кои ќе се преземат во таа насока. Така што, концептот за основно образование не е нешто што произлезе во последните двa-три месеци, туку нешто кое се најавува и на кое се работи веќе подолг период, посочуваат од ресорното министерство.

Во рамки на овие и слични други прашања, иако побаравме конкретен одговор од Институтот за историја за нашиот медиум, истиот не го добивме. Но, во меѓувреме, излезе и генералната слика на мнозинството професори дел од Институтот за национална историја, па од таму во своето соопштение велат:

„Инстутот за национална историја со сите свои професори кои се активни, но и директори и професори кои се во пензија имаат категоричен став на неприфаќање на предложениот модел на системско реформирање на основното образование,  кој се однесува на укинување на  предметот историја како посебен предмет и се сведува на еден од мноштвото модуларни содржини во новокреираниот предмет „општествени науки“.  Ваквиот став го базираме на повеќе суштински и концептуални факти“.

Исто така, тие потенцираат дека институциите, како и МАНУ не биле консултирани при подготовката на оваа Концепција.

Предметот историја е воведен во македонскиот образовен систем со самото формирање на македонската држава,велат од таму, како израз на генерациските заложби на македонските интелектуалци  за самостојно изучување на сопствената историја, кои се вградени во одлуките на АСНОМ. Оттаму, предметот историја претставувал, претставува и ќе претставува фундамент на образовниот систем на македонската држава, преку кој се гради идентитетот на учениците, а преку тоа и свеста за припадноста кон нацијата, како и почитта кон другите народи и култури. Идентично предметот историја е дел од обрзовните системи кај балканските држави, и нема сомнеж дека истиот е важен за осознавањето на идентитетот и градењето на нацијата.

Беше најавено дека со официјализирањето на Концепцијата, покрај интегрирањето на предметот историја во рамките на предметот „општествени науки“, автоматски ќе престанат да важат и учебниците по историја во основното образование. Тоа е недозволиво, особено имајќи го предвид фактот дека историјата на македонскиот народ и нација е директно оспорена од соседите, додека интеграцијата на македонската држава во ЕУ е условена со целосна ревизија на националната историја. Веруваме дека тоа е заеднички национален интерес на сите граѓани“, се вели во реакцијата од Институтот за национална историја, инаку еден од најзасегнатите страни во овој процес.

 

Слични содржини