Нова цел на Бајден: Да се ​​вакцинираат 70% од возрасните до 4 јули

од Nikola Popovski

Американскиот претседател Џозеф Бајден денес објави дека неговата нова цел е 70 проценти од возрасните во САД да добијат барем една доза од вакцината против коронавирус до 4 јули, кога САД го слават Денот на независноста.

Во исто време, Бајден ги повика младите на возраст од 20 до 30 години да се вакцинираат.

„Ќе осигуриме вакцинацијата да биде полесна од кога било. За два месеци, од денес, семејствата низ целата земја ќе го слават 4-ти јули. Нашата цел е на тој датум 70 проценти од возрасните Американци да добијат најмалку една доза на вакцина и најмалку 160 милиони да бидат целосно вакцинирани“, рекол Бајден, обраќајќи ѝ се на јавноста од Белата куќа.

За да се исполни таа цел, Бајден им наредил на десетици илјади аптеки кои учествуваат во федералната програма, да обезбедат вакцинација без закажување, додека ресурсите на Федералната агенција за управување со вонредни состојби (ФЕМА) ќе бидат пренасочени за поддршка на привремени и подвижни клиники и помали локални локации за вакцинација, изјавија претставници на администрацијата.

Бајден постави нова цел во време кога неговата администрација се соочува со зголемени, но очекувани, предизвици за вакцинирање на луѓе кои не сакаат да примат вакцина за коронавирус.

„Сега, кога имаме залихи на вакцини, фокусирани сме да убедиме уште повеќе Американци да ја примат вакцината што е достапна. Ако успееме во тоа, Американците ќе направат сериозен чекор кон враќање во нормала. Постојат многу помлади луѓе, особено во нивните 20-ти или 30-ти години, кои веруваат дека не им требаат. Сакам да испратам јасна порака: Мора да се вакцинирате“, вели Бајден.

Повеќе од 56 проценти од возрасните граѓани во САД примиле барем една доза на вакцина, додека над 105 милиони биле целосно вакцинирани, покажуваат податоците на Центрите за контрола и превенција на болести (ЦДЦ).

Тој очекува дека милиони Американци ќе ги исполнат условите за имунизација во наредните месеци, бидејќи вакцината за адолесценти и помлади деца е одобрена.

Администрацијата навела дека кога сојузните држави ќе одбијат вакцини што им се доделени, тој вишок ќе се пренесе на оние кои сè уште чекаат на испорака на дози, со цел да се задоволи побарувачката.

Тие држави ќе имаат пристап до дози секогаш кога ќе се зголеми побарувачката на нивните жители за вакцини – еден од клучните приоритети на администрацијата на Бајден.

Слични содржини