Од декември евтина струја во периодот од 13 до 15 часот

од Nikola Popovski

Дневната евтина тарифа ќе стартува во декември, граѓаните ќе можат да ја користат во периодот од 13 часот до 15 часот и секако останува на сила и ноќната евтина тарифа од 22 часот до 7 часот изутрина, изјави претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги Марко Бислимоски на трилатералниот состанок на Асоцијацијата на медитерански регулатори за енергетика МЕДРЕГ, Бордот на регулатори на енергетската заедница и Советот на европските регулатори за енергетика.

Тој порача дека нашата држава, како и цела Европа се соочи со енергетска криза, но беше мотивирачка кај сите и се започна со интензивен циклус со инвестиции во капацитети што произведуваат струја од обновливи изври на енергија.

-Следен чекор е да се редизајнира помошта кон ранливите категории и значајно да се зголеми на оние лица на кои им е потребно, посочил, меѓу другото Бислимоски.

Првично дневната евтина тарифа требаше да се врати од 1 јули, но надлежните најавија дека ќе се одложи ваквата мерка.

Евтината дневна тарифа беше укината на 1 јануари 2022 година, кога имаше и поголемо зголемување на цената на електричната енергија за 9,48 отсто. Доколку останеше евтината дневна тарифа, ќе требаше да се зголеми цената на струјата за дополнителни 5 отсто, односно зголемувањето ќе изнесуваше 14,23 отсто. Изминатата година граѓаните можеа да користат поевтина струја само во текот на ноќта – од 22 до 7 часот секој ден и во недела цел ден.

Слични содржини