Речиси цела Европа минатата година забележа температури над просекот, додека шумските пожари согорија рекордни површини, а топлотните бранови го зафатија континентот од север до југ, покажува новата опсежна климатска студија.
Годината 2025 донесе температура од 46°C во Португалија, температури од 30°C во рамките на Арктичкиот Круг, како и 20 големи шумски пожари истовремено во Шпанија.
„Опасно високите“ температури предизвикаа „последици за општествата и екосистемите ширум Европа“, се наведува во извештајот за состојбата на климата во Европа, кој го пренесува Си-ен-ен.
Студијата ја изработија службата на „Коперник“ за климатски промени и Светската метеоролошка организација.
Во Велика Британија, како што се наведува, минатата година го донела најтоплото лето откако се вршат мерењата, „национално значајни“ недостизи на вода, рекорден број шумски пожари и загуби за земјоделците од 800 милиони фунти.
Иако земјата и претходно имала многу топли лета, вклучувајќи ја и познатата 1976 година, еколозите се загрижени поради тоа колку ваквите настани станаа почести и пораспространети.
Саманта Бурџес од „Коперник“ изјави за „Скај њуз“ дека жештината во 1976 година била „многу локализирана“ над Британија. Но, минатиот јуни донесе „услови на топлотен бран практично од Обединетото Кралство, па сè до Источна Европа, до Грција“.
Хилари Мекгрејди, лидерка на најголемата европска организација за заштита на природата „Национал Траст“ (National Trust), изјави за „Скај њуз“: „Овие исклучителни години сега стануваат нова норма“.
Таа организација неодамна ги повика своите пет милиони членови да им пишуваат на своите пратеници за заштитата на загрозениот британски див свет и руралните подрачја. „Потребни се итни мерки за прилагодување и намалување на емисиите со темпо што го бара науката“, изјави таа.
Екстремните временски услови минатата година честопати беа дополнително засилени со климатските промени, бидејќи европскиот континент се загрева побрзо од кој било друг.
„Коперник“ наведува четири причини за тој тренд, вклучувајќи ја и близината на Европа до арктичкиот регион, кој сам по себе се загрева најмалку трипати побрзо од глобалниот просек.
Континентот исто така станува посончев, а промените во временските обрасци предизвикуваат посилни топлотни бранови. Подрачјата покриени со снег, кои ја одбиваат сончевата топлина, исто така се топат.
Сепак, извештајот носи и тронка надеж, бидејќи соларната енергија достигна рекордни нивоа. Таа обезбеди 12,5% од електричната енергија во Европа, во однос на претходните 10,3%, што е поттикнато од растот на бројот на инсталации и од фактот што континентот станува посончев.
Од 1980-тите, построгите прописи го намалија загадувањето со аеросоли од автомобилите и електраните; тоа го разведри небото од рефлектирачките честички и овозможи повеќе сончеви зраци да допрат до континентот.
Меѓутоа, според индустриското здружение „Солар енерџи УК“ (Solar Energy UK), соларните панели не функционираат добро доколку премногу се загреат.