Одбиено барањето за нов притвор на Јанакиески

од Nikola Popovski

Кривичниот совет го одби барањето на обвинителката Вилма Русковска за поранешниот министер Миле Јанакиески биде спроведен во затворот „Шутка“. Одлуката е донесена денеска, откако попладнево, Обвинителството ја побара оваа мерка за Јанакиески.

„Имено, Апелациониот суд Скопје со решение КЖ 605/21 од 18.11.2021 година на обвинетиот М.Ј., му ја укина мерката куќен притвор, определена за предметот КОК 53/17 во јавноста познат како „ТНТ“ и му определи мерки за претпазливост. Обвинителството денеска поднесе предлогот за определување мерка притвор за предметот со КОК 2/20 поврзан со настаните од 27 – ми април, а Кривичниот совет, при одлучувањето, ја имаше во предвид одлуката на второстепниот а воедно смета и дека во новиот предлог не беа понудени доволно аргументи кои ќе го поткрепат определувањето на построги мерки од они кои веќе опстојуваат против обвинетиот. Против ова решение странките имаат право на жалба пред Апеалциониот суд во рок од 3 дена по приемот на решението“, соопшти Кривичен суд.

Одлуката за Миле Јанакиески доаѓа по барањето на Вилма Русковска да му биде определен ефективен притвор, пет дена откако Апелација го ослободи од куќен притвор. Обвинителката смета дека постои страв тој да избега и затоа бара определување на мерката.

Со првостепената пресуда за настаните од 27 април 2017 година во Собранието, Јанакиески е осуден на шест години и три месеци затвор. Условна казна, пак, има во предметот „Насилство во Центар“, а на обвинителна клупа седи во неколку предмети кои се водат пред Основниот кривичен суд: ТНТ, „Титаник“, „Талир“, „Топлик“, „Траекторија“ и „Шпански скали“.

Првиот притвор на ексминистерот му беше определен пред околу три години, на 14 ноември 2018 година.

Слични содржини