Одговори на најчестите прашања поврзани со вакцината на „АстраЗенека“

од Stefanija Kuzmanovska

Дури 18 европски земји, следејќи ја најновата препорака на Европската агенција за лекови (ЕМА), продолжуваат да вакцинираат со вакцината на „АстраЗенека“ без никакви ограничувања. Сепак, многу граѓани се збунети и исплашени дали треба да се имунизираат со оваа вакцина. Ова се одговорите на некои од најчестите прашања што ги мачат повеќето луѓе на кои им е понудена вакцинација со „АстраЗенека“.

1. Што заклучи ЕМА за вакцината на „АстраЗенека“?
– ЕМА препорача податоците за вакцината „АстраЗенека“ да содржат информации дека се можни несакани ефекти и случаи на згрутчување на крвта, но не смени ниту една препорака за вакцината. ЕМА, како и досега, посочува дека „придобивките од вакцинирање со вакцината на АстраЗенека се многу поголеми од можните ризици“.

2. Колку случаи на згрутчување на крвта се пријавени досега?
– Од 34 милиони вакцинирани со вакцината на „АстраЗенека“ во ЕУ и Велика Британија, ЕМА регистрираше 169 случаи на синусни и 53 случаи на тромбоза на абдоминалните вени до 4 април, што дава еден несакан ефект на повеќе од 153.000 вакцинирани.

3. Кои се вообичаените несакани ефекти кај вакцината на „АстраЗенека“?
– Повеќето луѓе пријавија треперење, слабост, треска, болка во мускулите и зглобовите и главоболка од 8 до 24 часа по вакцинацијата но, овие несакани ефекти исчезнуваат по два до три дена.

4. На кои симптоми треба да се обрне посебно внимание по вакцинирањето?
– Сите вакцинирани лица кои од 5-ти ден па натаму чувствуваат отежнато дишење, болка во градите, силна и трајна главоболка, проблеми со видот, болки во стомакот, отекување на нозете, модринки на телото или на местото на убодот треба веднаш да контактираат лекар затоа што станува збор за медицински сериозни состојби кои можат да го загрозат здравјето и животот.

5. Ако се појават несакани ефекти, дали можат да бидат излечени?
– Да, важно е што побрзо да контактирате лекар, кој потоа ќе примени соодветни терапии за згрутчување на крвта.

6. Дали постои врска помеѓу згрутчувањето на крвта и полот?
– Повеќето случаи на тромбоза се случиле кај жени помлади од 60 години. Сепак, досега се вакцинирани 60 проценти од жените и 40 проценти од мажите во Европа. Питер Алет од ЕМА вели дека можната причина за тромбоза кај помладите жени се апчињата за контрацепција.

7. Дали постои врска помеѓу згрутчувањето на крвта и возраста?
– ЕМА тврди дека случаите на згрутчување на крвта не можат да бидат поврзани со возраста на вакцинираните, но некои земји воведоа ограничувања на возраста. На пример, во Велика Британија, со „АстраЗенека“ повеќе нема да се вакцинира на возраст под 30 години.

8. Може ли да земам аспирин или сличен лек самостојно пред или по вакцинирањето?
– Не, самостојно земање антикоагуланси или лекови како аспирин не е добра идеја бидејќи овие лекови имаат и несакани ефекти. Мора да се консултирате со лекар за какви било лекови.

9. Дали треба да се прими втора доза по првата доза на „АстраЗенека“?
– Да, на оние кои ја примиле првата доза на вакцината на „АстраЗенека“ им се препорачува да ја примат втората доза без оглед на возраста, по 12 недели од првата доза. Исклучок се луѓето кои имале проблеми со згрутчување на крвта по првата доза: не им се препорачува да ја земаат втората доза.

Слични содржини