ОЈО со детали: Панче бил грабнат од дома, Вања била киднапирана за да се изнудат пари за откуп од мајката

од Nikola Popovski

Основното јавно обвинителство Скопје синоќа донесе Наредба за спроведување истражна постапка против пет лица, од кои четворица како соизвршители сториле две кривични дела – Грабнување од член 141 од Кривичниот законик, како и две убиства на свиреп начин (едно на малолетно лице и едно од користољубие) заедно казниви по член 123 став 3 од Кривичниот законик. Петтиот осомничен им помогнал при извршување на кривичното дело – Грабнување на малолетно лице.

За четворица осомничени, кои веќе се наоѓаа во 48-часовен притвор, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка вечерва достави предлог за определување мерка притвор.

Постои основано сомнение дека на 22 ноември, четворица од осомничените, по претходен договор и заедно, извршиле грабнување на лице од неговиот дом во Велес со намера да го присилат да го даде неговиот автомобил Цитроен за тие да го искористат за грабнување на малолетно лице во Скопје. Откако влегле во неговиот дом, физички го нападнале, го врзале и со автомобил го однеле во близина на селото Рудник, каде со учество на дејствие на извршување и со друг особен придонес кон извршување на делото, од користољубие и на свиреп начин го лишиле од живот со истрел од огнено оружје од еден од осомничените.

На 27 ноември четворицата осомничени, помогнати од петтиот, извршиле грабнување на малолетно лице со намера да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде пари за откуп на детето. Притоа го искористиле и одземениот автомобил. Подоцна на свиреп начин и со умисла ја лишиле од живот жртвата, а со претходно купен бензин го запалиле автомобилот Цитроен.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски синоќа на вонредна прес-конференција објави фотографија од Љупчо Палевски-Палчо, кој е осомничен за киднапирањето и убиството на Ѓорчевска и Жежовски.

Пелавски синоќа беше уапсен во Турција по потерница од македонскиот Интерпол.

Министерот за внатрешни работи ги откри деталите за злосторството што го потресе целиот регион.

Спасовски рече дека Палевски преку Србија и Бугарија преминал во Турција. Според неговите зборови, Палевски со автомобил бил донесен во Белград и оставен во хотел.

„Тој потоа преку Бугарија беше пренесен во Турција во градот Баликесир. Наши полицајци се сретнале со нивниот оперативен извор, кој ги известил дека осомничениот оттаму сакал да замине во Истанбул и дека се договорил со таксист. Сепак, тој направил симулација и останал во Баликшир каде што бил уапсен на автопат. Тоа беше последната алка од грозоморниот чин што недостасуваше да се каже дека го решивме случајот“, рече Спасовски на прес-конференцијата.

Постапката за екстрадиционен притвор, додаде, е во рацете на Министерството за правда, а потоа ќе се појави пред судот.

На Палевски му е одредена мерка притвор од 48 часа.

Слични содржини