ОМД: ДИК го прекрши Уставот и Изборниот законик

од Nikola Popovski

Обединетата македонска дијаспора обвинува дека повторно има проблеми и пречки од страна на Државна изборна комисија во однос на изборниот процес. Како што е познато рокот за пријавување за гласачи е на 18-ти март 2024 година, според потпишаниот јавен повик од страна на претседателот на ДИК, Александар Даштевски.

Од ОМД објавија фотографии што излегува на веб-страницата на ДИК кога се обидувате да се пријавите.

-Не само што не дозволува да се пријавиш, што е против законски и против изборниот законик и правила, вебстраницата на ДИК вели дека регистрацијата за изборите заврши на 11ти март 2020 година!

Под итно ДИК да го реши овој проблем, да продолжи регистрацијата за дијаспората и да го продолжи датумот за регистрација, оти според информациите што ги добиваме од Македонци кои пробале да се регистрираат, веќе неколку часа не функционираа веб-страницата за пријави, порачаа од ОМД.

На полноќ истекува рокот за увид во Избирачкиот список како и за пријавување на гласачите во дијаспората. Граѓаните уште денеска можат да се проверат и доколку е потребно да побараат промена, запишување или бришење на своите податоци од Избирачкиот список за претстојните претседателски и парламентарни избори. Од Државната изборна комисија апелираат граѓаните да извршат проверка и доколку има потреба да побараат промена.

Претседателски избори во дијаспората ќе се одржат само ако има пријавено најмалку 10 лица за гласање во соодветното дипломатско-конзуларното претставништво (ДКП) на државата. Ова оттаму што претседателот се избира според мнозинскиот систем и што целата територија на државата и сите континенти каде што има наши државјани се една изборна единица. Во однос на парламентарните избори, пратеници се избираат според пропорционалниот модел и во изборна единица во странство и тука има уште еден услов како своевиден цензус.

За да биде избран пратеник од седмата изборна единица треба да освои најмалку онолкав број на гласови колку што освоил пратеник со најмал број на гласови на територијата на државата на последните парламентарни избори. За овие избори овој број е 5 355 лица, односно толку лица треба да бидат регистрирани во сите 52 ДКП за да може да бидат пред се организирани вакви избори. Исто така најмалку 5 355 гласачи треба да гласаат за еден кандидат за тој да биде избран.

Слични содржини