Општина Кисела Вода со зелено светло за иницијативата на Герасимовски: Со конфискација на дивоградбите, ќе ги пренамениме во училиште или градинка

од Nikola Popovski

Општина Кисела Вода смета дека е подобро дивоградбите кои се изградени на државно земјиште да се конфискуваат отколку да се урнат, бидејќи рушењето создава финансиски импликации, што општината повторно го плаќа со пари од граѓаните, велат од општината за „Локално“ отколку пред неколку дена градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски поднесе иницијатива до ЗЕЛС за конфискација на диво изградените објекти низ земјава.

Од таму додаваат дека иницијативата на Герасимовски била јавно изнесена од страна на него, а деталите со истата пристигнуваат до општините, вклучително и до Општина Кисела Вода, по што детално ќе бидат разгледани од нивните служби.

ушењето е на товар на општината, инвеститорите на тие дивоградби се непознати и тоа создава големи компликации. Големите средства кои треба да се издвојат не само за минирање на oбјектот, туку и за негово целосно отстранување, дополнително го оптоваруваат буџетот на локалната самоуправа, па честопати поради немање доволно пари, објектите остануваат полуразрушени, нагрдувајќи го просторот, велат од општината предводена од градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Додаваат дека тоа би значело негова пренамена во училиште, во градинка, во објект кој би бил во полза на нивните жители.

На прашањето дали со овој предлог може да се реши урбанистичкиот хаос, од општина Кисела Вода укажуваат дека кај нив, тоа е многу посложен и повеќеслоен проблем.

-Една иницијатива за конфискација на дивоградби можеби ќе ги замисли идните непочитувачи на законот, но доколку нема системско решение базирано врз строго почитување на законите, врз транспарентна, одговорна и чесна работа, тогаш ќе бидеме далеку од решение.

Во Кисела Вода, презедовме огромни чекори во таа насока. Ги извадивме од фиока важечките урбанистички планови, ги дигитализиравме и ги ставивме на увид на граѓаните. Побаравме од нив забелешки, сугестии и предлози за измени, дополнувања или укинувања на цели или делови од плановите. Жителите на нашата општина, за прв пат добија можност да направат увид во сопствената градежна парцела и да проверат што на тоа место е предвидено да се гради. Формиравме и Партиципативно тело за урбанизам кое обезбеди инклузивност, партиципативност и јавност во процесот на урбанистичко планирање. Направивме ревизија и на издадените одобренија за градба и спречивме изградба на неколку висококатници во зеленило, стопиравме цели Детални урабнистички планови кои се косеа со ГУП-от. Ја ограничивме изградбата на згради наместо куќи во Пржино и Црниче. Таму, под маската на изградба на куќи за семејно домување, никнувале згради со по 28 станбени единици. Во Кисела Вода, по толкувањето, во објекти со намена А1, сега може да има само до 4 станбени единици, соопштија од општината.

Општината информира дека го стопирале носењето на ДУП-от за Расадник кој предвидувал изградба на 99 згради во овој дел на општината.

-За новиот концепт на работа, се зборува насекаде низ светот бидејќи за идејниот лик на Расадник, распишавме Меѓународен конкурс, па стручњаци и од домашната, но и од свеската јавност ќе понудат решение кое ќе го дефинира идниот изглед на оваа населба како хуман кварт за живеење. Минатата недела не посетија архитекти од Италија, интерес пројавија и во Велика Британија, но и од земји од други континенти, велат од таму.

Дополнуваат и дека започнале интензивен процес на дигитализација на процесите во Кисела Вода, бидејќи како што тврдат, корупцијата се надминува со што поголемо стимулирање на дигитализацијата и намалување на учеството на човечкиот фактор.

-Ја започнавме имплементацијата на нов ГИС-систем преку кој ќе се овозможи електронско издавање на изводи од урбанистички планови, како и подготовка на ДМС системи за електронско управување со документи. Транспарентното работење е силна алатка против корупцијата. Довербата во институцијата на која силно работиме е исто одлична алатка за борба против корупцијата. Сево ова е силен борец против урбаната мафија и урбанистичкиот хаос, ни рекоа од општината на градоначалникот Ѓорѓиевски.

Н.П.

Слични содржини