Османи за набавката на ракетите „Џавелин“: Косово влегува во одлучувачка фаза во однос на националниот одбранбен капацитет

од Stefanija Kuzmanovska

Претседателката на Косово, Вјоса Османи, оцени дека по одлуката на САД да го прифатат барањето на Косово за набавка на противтенковски ракети „Џавелин“, Косово влегува во нова и одлучувачка фаза во однос на националниот одбранбен капацитет развивајќи ги, како што вели, Косовските безбедносни сили според стандардите на НАТО и натамошно продлабочување на односите со својот стратешки партнер САД.

Како што пренесе „Косово онлајн“, Османи ја објавила својата изјава на социјалната мрежа Х, истакнувајќи дека се уште се чека одобрувањето на Конгресот на САД и укажувајќи дека одлуката на Стејт департментот е пресвртница за националната безбедност на Косово и доказ за постојаното партнерство со САД.

„Како претседател на Републиката и врховен командант на КБС, сакам да ги пофалам сите напори и енергија што нашите одбранбени институции ги вложија во текот на годините за да се осигураат дека ги исполнуваме критериумите за подобност на Програмата за странска воена продажба на Стејт департментот на САД“, рече Османи, додавајќи дека особено сака да му се заблагодари на државниот секретар Блинкен, со кого разговарале за КБС уште во 2022 година.

Навела дека Конгресот на Соединетите Американски Држави сега добил официјално известување за намерата на Косово да купи системи за оружје како дел од транзицијата на Косовските безбедносни сили во армијата.

Тоа укажува дека американската влада забележала дека предложената продажба ќе ги поддржи надворешнополитичките и националните безбедносни цели на Соединетите Држави преку подобрување на безбедноста на европскиот партнер кој е важна сила за политичка и економска стабилност во Европа.

„Предложената продажба ќе го подобри долгорочниот одбранбен капацитет на Косово да го брани својот суверенитет и територијален интегритет и да ги исполни барањата на националната одбрана“, потсети Османи во изјавата на Стејт департментот.

Претседателката на Косово наведува дека има целосна доверба дека Конгресот ќе ја поддржи продажбата на, како што тврди, најпроамериканската нација во светот, како чин што ќе ја подобри безбедноста на Косово, во регионот, како и на европскиот континент.

Слични содржини