Откажани повеќе од илјада утрешни летови на Луфтханза во Германија

од Stefanija Kuzmanovska

Германската национална авиокомпанија „Луфтханза“ утре ќе откаже повеќе од 1.000 летови поради штрајк на персоналот на земјата на компанијата, а откажани се и голем број од денешните летови.

Речиси сите летови од Франкфурт и Минхен за среда на 27 јули ќе бидат откажани, а во соопштението на компанијата се наведува дека откажувањата на летовите ќе се одразат и на авиосообраќајот во наредните денови.

Поради штрајк на персоналот, повеќе од 134.000 патници деновиве нема да можат да ги користат авионските билети.

Синдикатот Верди во понеделникот повика 20.000 членови на копнениот персонал да се приклучат на еднодневниот предупредувачки штрајк. Во тек се преговорите со раководството за платите на вработените.

Синдикатот бара зголемување на платите за 9,5 отсто или најмалку 350 евра за персоналот на земја. Потребна е и минимална саатница од 13 евра.

„Патниците без обновени резервации не треба да доаѓаат на аеродромите бидејќи малку или никакви шалтери ќе бидат отворени“, соопштија од „Луфтханза“.

Оттаму, исто така, ги предупредуваат оние што се поврзуваат на германските аеродроми дека можат да останат таму неколку часа или денови.

„Луфтханза“ веќе откажа околу 6.000 летови ова лето поради хаосот што владее во европскиот воздушен сообраќај.

Слични содржини