Отворен првиот Центар за поддршка на згрижувачки семејства во земјава

од Nikola Popovski

Од денес започнува со работа првиот Центар за поддршка на згрижувачки семејства во земјава. Водени од истражувања и меѓународна пракса дека децата без родители или без родителска грижа е најдобро да бидат сместени во семејна средина, МТСП заедно со социјални институции и UNICEF направија напори да се зајакне и подобри грижата за децата кои, од различни причини, не можат да живеат со своите семејства, објави министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска.

Според неа, основната задача на Центарот за поддршка на згрижувачките семејства е да ги поддржува, да им помага и да ги насочува згрижувачките семејства да обезбедат токму онаква грижа каква што му е потребна на детето сместено кај нив.

-Денешниот број на згрижувачки семејства во земјава е околу 300 кои згрижуваат околу 500 деца, но ние очекуваме овие бројки и понатаму да се зголемуваат, за да може секое дете кое има потреба од сместување да биде згрижено во семејна средина. Во текот на оваа недела ќе започне со работа и вториот јавен центар за поддршка на згрижувачките семејства во Битола. Во следните месеци, очекуваме да започне со работа и првиот приватен центар за поддршка на згрижувачките семејства. Нашата цел е на сите деца кои ќе имаат потреба од сместување надвор од нивното биолошко семејство да им биде достапна квалитетна грижа во семејна средина, потенцира Шахпаска.

Слични содржини