Француската модна легенда и поранешна уредничка на париското издание на магазинот „Вог“, Карин Ројтфелд го навлече вниманието на јавноста поради објавата на нејзиниот профил на Инстаграм. Имено, таа објави фотографија на која позира со афро-американскиот модел Анок Јаи.
„Анок не е црна, таа е моја пријателка која ми недостасува“, напиша Карин.
„Никогаш порано не сте објавиле фотографии со црни жени. Вие ја користите нејзината боја на кожа за да се чувствувате добро во врска со вашиот секојдневен расизам во кој сте вклучени, ова е длабоко навредливо“, „Таа е дефинитивно црна, не треба да ја „бришете“ нејзината раса, кажи ја“. „Значи, вие сте глуви и слепи“, се само некои од коментарите.
Поради негативните реакции, Карин го избриша постот и јавно се извини на нејзиниот Инстаграм.
„Би сакала искрено да се извинам за мојот претходен пост. Мојата намера беше да искажам љубов и поддршка на драг пријател. Свесна сум дека нанесов болка на заедницата што сакав да ја поддржам. Учам од ова искуство и ќе продолжам да ја користам мојата платформа и глас за да создадам можности за промена. Анок, вие сте убава, силна и талентирана црна жена и не мислев на ништо лошо. Сакав да испратам порака за поддршка“, напиша таа, меѓу другото, на својот Инстаграм.