Пахор: Србија, Црна Гора, С. Македонија и Албанија да ги забрзаат преговорите за пристапување во ЕУ

од Nikola Popovski

Претседателот на Словенија, Борут Пахор беше во посета на Белград за да се консултира со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, за како што изјави, дали има доволно политичка волја во регионот за зачувување на европската перспектива на Западен Балкан и стабилноста.

„Војната во Украина не помага за мирот и стабилноста на Западен Балкан, но и Вучиќ и јас се согласуваме дека на Западен Балкан, без оглед на сите недоверби и билатерални проблеми, има доволно политичка волја да се зачува мирот и европската перспектива“, рече Пахор.

Тој изјави дека мисли дека постои можност сите лидери од регионот да се договорат за три централни прашања.

„Првата е Србија, Црна Гора, Северна Македонија и Албанија да ги забрзаат преговорите за пристапување во ЕУ, Босна и Херцеговина (БиХ) да добие кандидатски статус до крајот на неделата и ЕУ да ја исполни својата обврска за визна либерализација“, рече тој.

Пахор изјави дека го загрижува фактот што нивото на доверба во дијалогот меѓу Белград и Приштина е пониско од претходно и дека дијалогот не довел до решението кое сите го посакувале.

„Во Приштина ќе кажам дека другите прашања што ќе бидат актуелни во септември и октомври треба да се решат со дијалог и дека дијалогот мора да биде малку пожив бидејќи има голема недоверба“, додаде тој.

Пахор рече и дека мора да се спроведат обврските прифатени со договорите, како што е формирањето на Заедницата на српските општини, за целиот процес да биде веродостоен.

„Мислам дека проектот „Отворен Балкан“ е создаден така што некои работи, доколку му се приклучат Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина, проблемите што сега изгледаат нерешливи би можеле полесно да се решат во духот на соработката“, смета словенечкиот претседател.

Пахор рече дека ја поддржува иницијативата Отворен Балкан и честиташе за успехот во нејзиниот развој бидејќи смета дека такви процеси во регионот нема доволно.

Тој рече дека со Вучиќ разговарал и за прашањата кои се важни за успешно одржување на самитот на иницијативата Брдо-Бриони што ќе се одржи во Словенија на 12 септември.

Слични содржини