„Палатата на Путин“ на ЈуТјуб: Повеќе од 100 милиони прегледи (ВИДЕО)

од Nikola Popovski

Видеото со наводната палата на Путин направено од уапсениот руски опозиционер Алексеј Навални е прегледано повеќе од 100 милиони пати, покажуваат податоците кои денески ги објави компанијата Јутјуб.

Тимот на Навални објави видео во кое се покажува целиот сјај на палатата, која, според нивните тврдења, му припаѓа на претседателот на Русија Владимир Путин.

По тој повод, Путин изјави дека тој не е сопственик на палатата, ниту некој од неговото семејство.

Навални, кој е во едномесечен притвор за кршење на условната казна, го објави видеото пред повиците за масовни протести за да се зголеми одговорот на граѓаните.

Видеото на Фондацијата Навални сè уште се користи за мобилизирање на што е можно повеќе луѓе на протестите свикани за оваа недела. Властите предупредуваат дека протестите не се дозволени поради постојаната пандемија и ќе се сметаат за нелегални.

Двочасовниот филм наречен „Палатата на Путин“, кој, како што тврди Навални, пред се е приказна за мито, детално прикажува прекрасен имот на брегот на Црното Море со површина од скоро 18.000 квадратни метри.

Авторите на филмот тврдат дека околината е скоро 40 пати поголема од Монако и дека зградата наводно чинела 100 милијарди руби (околу 1,12 милијарди евра).

Според Фондацијата за борба против корупција во филмот, „палатата“ ја финансирале руските државни компании „Роснефт“ и „Транснефт“, а и двете ги водат двајца блиски пријатели на Владимир Путин: Игор Сечин и Николај Токариев.

Слични содржини