Зеленски има „контрапредлог“ на краткорочниот прекин на огнот на Путин: „Украина е подготвена да…“

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, изјави денеска дека им наложил на претставниците на Украина да стапат во контакт со тимот на претседателот на САД, Доналд Трамп, и да ги разјаснат деталите на рускиот предлог за краткорочен прекин на огнот

од Кристијан Димков
21 прегледи Фото: Фејсбук/Володомир Зеленски

„Украина тежнее кон мир и спроведува неопходни дипломатски активности со цел оваа војна навистина да заврши. Ќе разјасниме за што точно станува збор – дали е во прашање неколкучасовна безбедност за парадата во Москва или за нешто повеќе“, напиша Зеленски на платформата „Х“.

Тој истакна дека предлогот на Украина е долгорочен прекин на огнот, сигурна и гарантирана безбедност за луѓето и траен мир.

„Украина е подготвена да работи на тоа во секој достоинствен и ефикасен формат“, порача Зеленски.

Потсетуваме, претседателот на Русија, Владимир Путин, вчера во телефонски разговор со американскиот претседател Доналд Трамп предложи привремен прекин на огнот во Украина до Денот на победата во Втората светска војна, 9 мај, изјави помошникот на Путин, Јуриј Ушаков, додавајќи дека Трамп ја поддржал таа иницијатива.

Според зборовите на Ушаков, Трамп истакнал дека одбележувањето на годишнината од завршувањето на Втората светска војна претставува заедничка победа над нацизмот, пренесува агенцијата „Интерфакс“.

Како што наведе Ушаков, Путин во средата му порачал на Трамп дека Украина прибегнува кон „терористички методи“ и нагласил дека руските воени цели ќе бидат постигнати „во секој случај“.

„Путин директно рече дека Киев прибегнува кон отворено терористички методи, напаѓајќи исклучиво цивилни цели на руска територија. Секако, повеќе би сакале ова (завршувањето на војната) да биде резултат на преговарачки процес, за кој (украинскиот претседател Володимир) Зеленски мора позитивно да одговори на добро познатите предлози кои беа повеќепати изнесени, вклучувајќи ги и оние од американската страна“, рече Ушаков.

Претходно денеска, Зеленски на платформата „Х“ им се заблагодари на украинските граничари, кои денес го одбележуваат својот празник.

„Пред сè, им благодариме што ја бранат Украина. Илјадници силни и искусни луѓе ја држат линијата – од државната граница до најжестоките фронтови. Службата на нашите војници далеку ја надминува само контролата на линијата. Тоа е борбена работа рамо до рамо со другите Одбранбени сили, зауздување на непријателот, извидување, спроведување евакуации, заштита на луѓето во пограничните подрачја и откривање диверзантско-извидувачки групи“, порача тој.