Павлопулос: Самоволието на Турција нема да помине

од desk4

Од воената парада во Солун за одбележување на националниот празник на Грција, денот „Охи“ (Не), грчкиот претседател упати остра порака до Турција дека самоволието нема да помине, обвинувајќи ја за прекршување на меѓународното право на Блискиот Исток, jави дописничката на МИА од Атина.

Прокопис Павлопулос рече дека, кажаното „не“ од Грците на 28 октомври 1940 година, „беше врвен чин на отпор кон фашизмот и храбар став на одбрана на елементарните принципи и вредности – мирот, демократијата и човекот“.

-Од овде, од Солун, од срцето на Македонија до сите ја испраќаме пораката дека истото „не“ го испраќаме ние Грците денес, до секој што ќе помисли да посегне по овие универзалните идеали. Од овде, од Солун, од срцето на Македонија, кон соседна Турција, која што провокативно го прекршува меѓународното право на Блискиот Исток, испраќаме порака: Самоволието нема да помине. Исто така, до Турција, ја испраќаме пораката дека ние Грците, во услови на цврсто единство, целосно ќе ги браниме нашите национални прашања и национални права и ќе наметнеме почитување на меѓународното и европското законодавство, врз кои се засновани овие права, рече Павлопулос.

Традиционално, како и секоја година, денот „Охи“ (Не), односно негативниот одговор на Грција на ултиматумот од Италија во 1940 година, се одбележува со воена парада во Солун.

Слични содржини