Пендаровски: Да се сплотиме околу визијата за хумано, праведно и просперитетно македонско општество

од Vladimir Zorba

Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден, упати честитка до поглаварот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, митрополит скопски, архиепископ охридски и македонски и на Јустинијана Прима, г.г. Стефан и сите православни верници, и до претседателот на Црковното претставништво на Евангелско – методистичката црква, Емил Заев и припадниците на Евангелско – методистичката црква во државата.

„Почитувани,

Дозволете ми да Ви го честитам најголемиот христијански празник – Велигден со пораката: Христос Воскресна!

Христовото воскресение нѐ ослободува од стравот од смртта, но и нѐ обврзува, наместо пасивни набљудувачи, да бидеме активни учесници во обновата. А тоа ќе го правиме со секој чин на солидарност кон ранливите и грижа за природата, со заложбите за слобода, правда и мир, со борбата за социјална правда и за достоинствен живот на нашите сограѓани. Враќајќи ни ја надежта во општото добро, овој празник нѐ потсетува дека сме си потребни едни на други и дека сме одговорни едни за други. Следејќи го Христовиот пример, да се сплотиме околу визијата за хумано, праведно и просперитетно македонско општество во кое ќе има место за секого бидејќи, секој човек, независно од етничката, верската, јазичната, социјалната, политичката или која било друга припадност – е наш ближен“.

Слични содржини