Пендаровски: Странските санкции не се доволни – корупцијата е корупција независно дали станува збор за 500 или 500.000 денари

од Nikola Popovski

Евидентно, кај нас прилично фреквентно се говори јазикот на корупцијата. Според истражувањето на јавното мислење спроведено од Македонскиот центар за меѓународна соработка, барем една третина од македонските граѓани изминатава година биле изложени на коруптивен притисок и за жал, според истото истражување, овој јазик го „зборуваат” дури четвртина од нашите граѓани кои подлегнале на притисокот и влегле во некаква коруптивна трансакција на пари, врски и влијание. Притоа, не станува збор само за големи, туку и за мали, навидум занемарливи суми. Меѓутоа, корупцијата е корупција, независно дали станува збор за 500 денари или 500.000 денари, рече претседателот Стево Пендаровски во обраќањето на шестата пленарна конференција на Националната конвенција за Европска Унија во Република Северна Македонија (НКЕУ-МК), на тема „Национална конвенција за Европска Унија: Темелните општествени вредности за европска иднина”.

Според него, многу млади револтирани од ситуацијата, кои не можат да напредуваат врз основа на сопственото знаење, квалификации и вештини, едноставно си заминуваат од државава.

-Се стекнува впечаток дека САД и Европската Унија се поревносни борци против корупцијата кај нас од некои наши институции и поединци во нив. Освен што со години вложуваат во обуки на вработените во македонскиот правосуден систем, тие повремено посегаат и по санкции како што е т.н. црна листа во која САД ги сместуваат лицата за кои сметаат дека се инволвирани во корупција.

Меѓутоа, странските санкции не се доволни, не само затоа што не се проследени со домашни санкции. Имено, ние се соочуваме со многу подлабок проблем бидејќи корупцијата во меѓувреме стана начин на живот за многумина или како што неодамна ја опиша холандскиот амбасадор, станува збор за менталитет на  луѓето кој мора да се менува. При тоа, не треба да изоставиме уште неколку други елементи, рече претседателот и истакна дека за драстично редуцирање на корупцијата мора да инсистираме не само на истраги, туку на правосилни пресуди бидејќи на тој начин се покажува дека законите важат подеднакво за сите, дури и за најмоќните и најбогатите.

-Понатаму, во секој оддел, сектор и институција со помош на антикорупциските тела, невладиниот сектор и јавноста, мора да се гради култура на професионален и личен интегритет на секој вработен поединец во тие институции, но, и на институциите во целина. Ако не го правиме ова во континуитет, малубројните успешно завршени судски случаи ќе бидат само кратко затишје пред нова коруптивна бура, кажа Пендаровски во обраќањето.

Слични содржини